Свет TH00014

11 мај, 2014

Австрија е победник на Евровизија 2014

Синоќа во B&W Hallerne арената во Копенхаген, Данска, по 59-ти пат се одржа Изборот за песна на Евровизија, а во големото финале настапија 26 од вкупно 37 земји кои годинава учествуваа на овој натпревар. Во првите две полуфинални вечери беа избрани по 10 финалисти кои и им се придружија на земјите од „големата петка“ и домаќинот Данска, кој годинава одлично ја заврши својата работа. Одличната евровизиска сцена овозможи едноставни, но прекрасни настапи за сите претставници кои овој пат се одлучија за минималистичка и ефектна сценографија.

Од балканските земји годинава имавме можност да видиме претставници на Македонија, Црна Гора, Албанија, Грција, Словенија и Романија, а без пласман за финале останаа само Македонија и Албанија. На официјалната страна на Евровизија конечно се објавени резултатите од трите вечери, а според податоците од втората полуфинална вечер кога настапуваше Македонија заедно со уште 14 други земји, Тијана со „To The Sky“ успеа да освои само 33 поени и се пласира на 13 место. Пред нас, на 12 место заврши Ирска, а на 11 Литванија, додека австриската претставничка Кончита Вурст собра дури 169 поени и се најде на врвот на листата.

Интересно е тоа што, иако најголем фаворит, ерменскиот претставник Арам Мп3 дури и во првата полуфинална вечер се најде само на 4-то место со освоен 121 поен, а пред него се најдоа шведската претставничка Сана Нилсен и Унгарецот Андраш Калај-Сондерс, додека Холанѓаните Д Комон Линетс се искачија на врвот со 150 поени во полуфинале. Овие три земји се најдоа и во најдобрите пет во големото финале, а Ерменија повторно заврши на 4 место.

Очигледен фаворит уште во втората полуфинална вечер, Кончита со нејзината песна „Rise Like a Phoenix“ во големото финале собра импресивни 290 поени со што ја донесе втората победа за Австрија, која претходно победила само во 1966 година со претставникот Удо Јиргенс и песната „Merci Chérie“. Оваа земја се натпреварува на Евровизија од нејзиното второ издание во 1957 година, а до сега испратила 47 претставници од кои 43 настапиле и во финале. Како изгледаше победничкиот настап на Кончита можете да видите во продолжение, а веднаш потоа и сите изведби од вчерашното финале.

Ивона Јанкова

Насловна фотографија: Томас Хансес (Thomas Hanses, EBU/eurovision.tv)

 



Врати се горе ↑