Аудио

25 септември, 2018

Аврил Лавињ си ја разголи душата во „Head Above Water“

Канадската ѕвезда Аврил Лавињ се враќа со нов сингл насловен „Head Above Water“, опевајќи една од најтешките битки што ги имала во својот живот.

„Поминаа пет години откако го објавив својот последен албум“, им напиша 33-годишната пејачка на своите обожаватели, додавајќи дека „последните неколку години ги помина дома, борејќи се со Лајмската болест. Тие беа најлошите години во мојот живот бидејќи поминав низ физички и емоционални битки. Бев способна да ја претворам таа борба во музика и навистина сум горда на тоа.“

„Пишував песни во мојот кревет и на каучот, каде што и ги снимав повеќето од нив. Зборовите и стиховите што беа толку вистинити за моето искуство, едноставно надоаѓаа од мене како река. Искрено… со надеж, со поставување нови цели и причина за живот, мојата музика ми помогна да се излечам и да се одржам во живот“, објасни таа.

„Првата песна што ќе ја објавам е наречена ’Главата над вода’, воедно и првата песна што ја напишав во мојот кревет за време на еден од најзастрашувачките моменти во мојот живот. Ја прифатив смртта и можев да почувствувам како моето тело се гаси… Се чувствував како да се давам. Како да тонам под вода и само ми треба да земам воздух. Како да бев во река што силно ме влече надолу, не ми дозволува да дишам. Молејќи се на Бог да ми помогне само да ја држам главата над вода… Така се зближив со Него. Мојата мајка беше покрај мене и во нејзините прегратки ја напишав оваа прва песна со која сакам да ја раскажам мојата приказна“, дополни Лавињ, откривајќи дека ова е и најличната песна што ја снимила досега.

„Head Above Water“ е најавен сингл за нејзниот шести по ред студиски албум, кој ќе го наследи епонимниот албум од 2013 година (Avril Lavigne), а повеќе детали се очекуваат наскоро.

 



Врати се горе ↑