Концерт пласибо2

16 март, 2016

„Авалон“ ги носи „Пласибо“ во Загреб

Еден од најуспешните алтернативни рок бендови на сите времиња, „Пласибо“ (Placebo), ќе одржи концерт во Загреб на 10 ноември, во салата „Дражен Петровиќ“, а во организација на „Авалон продукција“. „Пласибо“ доаѓаат во Загреб во рамките на светската турнеја по повод 20 години од издавањето на нивниот деби платинест албум насловен по името на бендот, „Placebo“. Овој концерт ќе биде единствениот на бендот во регионот.

„Ќе изведеме многу песни за кои се заколнав дека повеќе нема да ги свириме. Но, мислам дека е време да го признаеме она што фановите на ’Пласибо’ сакаат да го чујат. Тие беа многу трпеливи со нас, затоа што ретко го свириме нашиот најкомерцијален материјал и затоа, оваа турнеја по повод 20-годишнината е одлична пригода да го направиме тоа“, вели фронтменот на бендот, Брајан Молко (Brian Molko).

пласибо

„Пласибо“ е основан во 1994 година во Лондон од страна на гитаристот и пејач Брајан Молко и басистот Стефан Олсдал (Stefan Olsdal). Со нивниот специфичен звук, кој претставува фузија на глам-рок и готик-поп жанровите, како и по уникатниот имиџ на пејачот Молко, „Пласибо“ добија статус на апсолутни миленици на алтернативната рок популација, а меѓу нивните бројни обожаватели се вбројуваше и легендарниот Дејвид Боуви.

Поради големиот интерес на публиката и критиката, тие во 1996 година го издаваат својот прв албум „Placebo“, a многу брзо следуваат и настапи со светски музички имиња како што се „Ју-ту“ и „Секс пистолс“. Следната година, пак, свират на концерт со Дејвид Боуви, на негова лична покана, на концертот во Њујорк одржан во „Медисон сквер гарден“, по повод 50. роденден на Боуви. Следуваат двата албума „Without You I`m Nothing“ (1998) и „Black Market“ (2000), на кои се најдоа хитовите како што се You Don`t Care About Us“, „Every You Every Me“, „Taste In Men“, „Slave to the WageиSpecial K… Овие два албума постигнаа тираж од преку еден милион продадени примероци.

„Пласибо“ досега објавија вкупно девет албуми, од кои седум се студиски и два во живо. Не треба да се заборави дека покрај носачите на звук, „Пласибо“ имаа серија од исклучително успешни синглови и видео спотови со впечатлив стајлинг, со што дефинитивно се профилираа како современ арт-рок состав и тоа на најдобар можен начин.

Билетите за концертот на „Пласибо“ во Загреб ќе бидат пуштени во претпродажба на 16 март, преку глобалната мрежа на „Евентим“ и онлајн на www.eventim.hr, по цени од 249 куни (33 евра) за ПАРТЕР и 199 куни (27 евра) за ТРИБИНИ, додека на денот на концертот, цените ќе бидат 269 куни (36 евра) за ПАРТЕР и 220 куни (29 евра) за ТРИБИНИ.



Врати се горе ↑