Свет outkast

14 јануари, 2014

Ауткест најави летна фестивалска турнеја

Познатото дуо Ауткест кое го сочинуваат Андре 3000 и Биг Бои, неодамна откри дека ќе се врати на сцената, а нивниот прв настап во живо ќе биде во рамките на познатиот калифорниски фестивал Коачела. Како што пренесува британскиот магазин New Musical Express (NME), реформираното дуо набрзо потоа најави и 40-дневна светска фестивалска турнеја со која ќе „прослават 20 години од нивниот уникатен и влијателен звук“.

„Навистина е чест да се прослави јубилеј од 20 години и сè уште да имаме слобода да правиме музика на свој начин“ – изјавил Биг Бои, а колегата Андре 3000 додал: „А замислете, сè што сакавме да правиме е да рапуваме! Благодарен сум што имав можност да бидам дел од група којашто ми дозволуваше да експериментирам со сè што ќе ми паднеше на памет и да се забавувам додека го правам тоа. Враќањето на сцена заедно е највозбудливиот начин за да им се заблагодариме на сите кои 20 години ги поддржуваа Ауткаст.“

Дуото се раздели во 2007 година, последниот заеднички настап им бил во 2004 година, а оваа година е јубилејна 20-та откако во 1994-та го објавија својот деби албум „Southernplayalisticadillacmuzik“. Во продолжение да се потсетиме на еден од нивните најголеми хитови „Hey Ya“ од 2003 година.



Врати се горе ↑