Настани

13 февруари, 2018

Арт-поп дивите Фивр Реј и Севдализа за почеток на „Егзит слободата“ со звукот на 21. век!

Долгата арт-поп листа на уметници кои уште од основањето доаѓаат секоја година на „Егзит“, ова лето на најдобар начин ќе ја продолжат две сензационални авторки кои на Петроварадинската тврдина ќе го донесат исклучително современиот уметнички израз. Првата е апсолутната икона на музичката сцена на 21. век, Карин Дрејер (Karin Dreijer), позната и како Фивр Реј (Fever Ray)! Карин на тврдината доаѓа во врвот на кариерата, со хедлајнерски позиции на најзначајните фестивали ова лето, како што се „Примавера“ или „Мелт“, кој ја издвои меѓу трите главни хедлајнери на фестивалот заедно со „Флоренс енд д машин“ и „Ексес“ (The xx). Исто така, со својот бенд, и единствениот и исклучително визуелен настап, на овогодишниот „Егзит“ доаѓа уште една изразито актуелна авангардна поп ѕвезда и во моментов водечка трип-хоп уметница Севда Ализаде или Севдализа (Sevdaliza)! Актуелниот албум „ISON“, како и одличните настапи и впечатливите спотови ја лансираа иранската уметница на сцените на водечките светски фестивали.

Планетарната популарност Фивр Реј ја стекна преку обожуваниот и крајно револуционерен електронски состав „Најф“ (The Knife), чии пет албуми силно влијаеа на денешната музика низ повеќе генерации. Во меѓувреме Карин својот продорен глас го позајми и за најголемиот хит на групата „Ројксоп“ (Royksopp) – „What Else Is There“, а во норвешки дух ги сними и подеднакво омилените песни „This Must Be It“ и „Tricky Tricky“. Првиот самостоен албум го објавува како Фивр Реј во 2009 година, а „Гардијан“ и „Резидент адвајзор“ го прогласија за втор најдобар албум таа година. Албумот ги изнедри колосалните нумери „When I Grow Up“, „Keep The Streets Emtpy For Me“ и секако најслушаната „If I Had A Heart“, која последните години прерасна во вистинска химна преку воведната секвенца на популарната серија „Викинзи“! Нејзините настапи обвиени со мистика беа навистина малкубројни и последната самостојна турнеја ја заврши уште во 2010 година, па не изненадува огромната фама која се создаде откако неодамна го објави албумот „Plunge“. Албумот е во склад со овогодишното мото „Егзит слобода“ (EXIT Freedom), бидејќи и Карин лично го опишува како дело „за слободата и љубопитноста“, со кое ги истражува општествените норми кои опстојуваат и во 21-иот век и кои ги кројат правилата на однесување на жените. Како и минатиот, и овој албум забележа високи оценки во низа на сите најзначајни медиуми  како што се „Гардијан“, „Пичфорк“ и „Резидент адвајзор“.

Севда Ализаде (Sevda Alizadeh), повеќе позната како Севдализа, е родена во Иран, а пораснала во Ротердам. Таа била сама свој учител по пеење, пишување, режија и компонирање, а течно владее со дури пет јазици. А нејзиниот труд не бил залуден, бидејќи денеска ја препознаваат како иднината, не само на алтернативната сцена, туку и на звукот кој најмногу одговара на она што навистина го одредува овој век. Нејзината музика ја карактеризираат сложеноста на нејзиниот зарипнат и сензуален ар-ен-би вокал, отсечните музички фрази и елегичните мелодии кои ги носат силните бас линии. Ритмичките тензии се претопуваат во хаотични кулминации додека во мелодиите се мешаат панк, трипхоп, електроника и грајм. Целиот музички израз го заокружуваат текстовите на песните во кои јасно е воочливо влијанието на книжевноста и филозофијата, а критичарите по двата одлични макси-синглови, „The Suspended Kid“ и „Children of Silk“, нејзиниот албум првенец „ISON“ веќе го нарекоа предвесник на новата музичка ера. Публиката на фестивалот „Егзит“ ќе има прилика во јули на Тврдината да ужива во нумерите како што се „Human“, „That Other Girl“ и „Sirens of the Caspian“!

И фановите на жестоките гитари ги слават новите засилувања на „Егзит“!

На „Егзит“ пристигнуваат и жестоките засилувања кои ги предводи легендарниот њујоршки хардкор состав „Медбол“ (Madball), кој се враќа на бината „Експлозив“ и ја носи тридецениската енергија, страст и позитивен дух! На тврдината маршираат и водечките борци на екстремната сцена „Врухерија“ (Brujeria) кои премиерно ќе настапат на овие простори! Нема да недостасува ниту ои-панк звукот, бидејќи пристигнува и во моментов најбараниот европски панк бенд „Лајнс ло“ (Lion’s Law), додека првиот ден публиката ќе ја распамети еден од најценетите млади кросовер треш метал бендови – шведскиот Д-р Ливинг Дед (Dr. Living Dead)! Доаѓаат и младите сили на светската треш-спид метал сцена, составот „Ивл инвејдрс“ (Evil Invaders), како и познатите паган-металци „Скајфорџр“ (Skyforger), познати и по тоа што ја изведоа и првата метал опера во светот! Публиката на најфуриозната бина на фестивалот „Егзит“ ќе ги чуе и норвешкиот панк/хардкор состав „Експлоудинг хед синдром“ (Exploding Head Syndrome), непредвидливите канадски хардкор-панкери „Бојдс“ (Boids) и, по подолга пауза, домашните дет-металци „Бејн“ (Bane)! За локалното засилување на бината „Експлозив“ ќе биде задолжен новосадскиот хардкор панк-бенд „Фрст флејм“ (First Flame), за стонер-звукот ќе се погрижи домашниот бенд „Мад фектори“ (Mud Factory), додека од далечниот Сибир стигнуваат грув метал ветераните „Ремора“ (Rhemorha)! Загрепските олдскул-спид треш-металци „Лив“ (Liv) и домашниот бенд „Терорхемр“ (Terrorhammer), со својот треш-блек метал-звук ќе ја надополнат епската програма на бината „Експлозив“.

Фестивалот „Егзит“ ќе биде одржан од 12 до 15 јули на Петроварадинската тврдина во Нови Сад и ќе ги претстави некои од најдобрите светски, регионални и домашни музички ѕвезди како што се Зиги Марли, Алис Мертон, Ричи Хотин, Адам Бејер со Ајда Енгберг, Амели Ленс, Бен Клок, Џекс Џонс, „Офенбах“, Махмут Орхан, Бурак Јетер, „Дог ит дог“, „Ајдлс“, „Слејвс“, „Грејв дигр“, „Слепшот“, „Асфикс“, „Бомбрс“ и многу други. Влезниците по промотивната цена од 3.580 денари се продаваат во Македонија преку „МкТикетс“, во „Југотон“ (Скопје, ГТЦ, 1 кат), а на сајтот на официјалната туристичка агенција exittrip.org достапни се и туристички пакети кои покрај влезници, содржат и опции за сместување и превоз до фестивалот.



Врати се горе ↑