Видео

6 јуни, 2019

Арнолд Шварценегер рапува во песна на австриски фолк-пејач

Арнолд Шварценегер е едно од најпознатите имиња во Холивуд и главна ѕвезда на блокбастери како што се „Конан Варваринот“ (1982) и франшизата „Терминатор“, а покрај актерството познат е и како професионален бодибилдер, како политичар и некогашен гувернер на американската држава Калифорнија. Но, и покрај тоа што има 71 година, Арнолд докажува дека никогаш не е доцна да се проба нешто ново, па сега имаме можност да видиме и како се снаоѓа во музичките води.

Имено, тој е главната инспирација за песната „Pump It Up“ од австрискиот фолк-пејач Андреас Габалиер, со кого освен што делат иста татковина (Шварценегер е роден во Австрија), го делат и истиот позитивен став за животот. Габалиер ја напишал оваа песна како инспиративна и мотивирачка химна, опишувајќи дел од животот на Шварценегер и неговите бројни успеси на повеќе полиња, а освен што се појавува во видеото, актерот гостува и со рап-дел, вклучувајќи ги и познатите реплики од „Терминатор“ – „Ќе се вратам!“ (I’ll be back!) и „Довидување, срцка!“ (Hasta la vista, baby).

Песната доаѓа како одлично загревање и за претстојниот, шести филм од франшизата „Терминатор“, каде што повторно ќе ја видиме и Линда Хамилтон како Сара Конор, а во екипата се враќа и Џејмс Камерон, кој ги напиша сценаријата и ги режираше првите два филма снимени во осумдесеттите, но овој пат e во улога на продуцент. „Терминанатор: Мрачна судбина“ во кино-салите ќе пристигне на 1 ноември, а како звучи главната ѕвезда на овој филм кога рапува, дознајте во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑