Свет

7 февруари, 2019

Аријана Гранде навредена од продуцентите, го откажа настапот на „Греми 2019“

Иако беше најавена како дел од изведувачите што ќе настапат на претстојното доделување на музичките награди Греми, Аријана Гранде не само што нема да настапува, туку нема ни да присуствува на манифестацијата.

Имено, како што пренесуваат американските медиуми, пејачката сакала да го изведе актуелниот сингл „7 Rings“ (чиј ремикс со Ту Чеинз можете да го слушнете подолу), но продуцентите инсистирале на друга песна, па на крајот се согласиле да ја отпее заедно со уште една или две други хитови што ќе ги одберат тие, веројатно вклучувајќи го и хитот „God Is A Woman“, за кој е номинирана во категоријата најдобра поп-вокална изведба. Сепак, откако Гранде дознала дека таа е единствената од изведувачите што добила вакви инструкции за настапот, таа постапка на продуцентите ја сфатила како навреда и одлучила воопшто да не се појави на настанот.

 

Слична ситуација имало и на минатогодишното доделување со новозеландската ѕвезда Лорд, на која продуцентите не ѝ дозволиле да отпее песна од албумот „Melodrama“, туку сакале да биде дел од групниот настап во чест на Том Пети. Исто како Аријана, Лорд одлучила воопшто да не настапи на доделувањето. Оваа постапка на продуцентите наиде на негативни критики и кај медиумите и кај јавноста, бидејќи изведувачи токму како Гранде се најголемата причина што гледачите седнуваат пред малите екрани за да го гледаат доделувањето.

Музичките награди Греми по 61. пат ќе бидат доделени в недела, на 10 февруари, во центарот „Стејплс“ во Лос Анџелес, а водителка на настанот ќе биде 15-кратната добитничка на златен грамофон – ар-ен-би ѕвездата Алиша Киз. Според бројот на номинации годинава предводи Кендрик Ламар, кој е во трка за 8 статуетки, а веднаш зад него е Дрејк со седум номинации. Меѓу изведувачите што ќе настапат в недела се: Карди Би, Камила Кабејо, Мајли Сајрус, Дуа Липа, Лејди Гага, Марк Ронсон и Дајана Рос, како и годинашната добитничка на специјалната награда „МјузиКерс“ (MusiCares) – кантри-легендата Доли Партон, која ќе настапи заедно со колегите „Литл биг таун“, Марен Морис, Кејси Масгрејвс и Кејти Пери.

 



Врати се горе ↑