Свет

24 јули, 2019

Аријана Гранде и Тејлор Свифт со најмногу номинации за најдобри видеа на Ем-ти-ви

Аријана Гранде и Тејлор Свифт добија најмногу номинации за годинашното доделување на наградите за најдобри видеа на Ем-ти-ви, кое ќе се одржи на 26 август во Њуарк, во американската држава Њу Џерзи. Пејачките се во трка за по десет статуетки, вклучувајќи ја главната награда за видео на годината, каде што се натпреваруваат со екранизациите за хитовите „Thank U, next“ и You Need To Calm Down“. Двете песни се номинирани и за песна на годината, а Аријана е потенцијална добитничка и на признанието за уметник на годината.

 

Веднаш зад нив, со девет номинации и младата ѕвезда Били Ајлиш, осум има сопственикот на хитот на летото „Old Town Road“, Лил Наз Екс, а во седум категории се натпреварува кантри-ѕвездата Били Реј Сајрус, таткото на Мајли Сајрус. По шест номинации добија Карди Би и Халзи, а пет канадската ѕвезда Шон Мендез, додека по четири имаат Камила Кабејо, Брендон Јури, Иги Азалија, Џеј Балвин, „Џонас брадрс“ и корејската сензација „Би-Ти-Ес“.

 

Меѓу номинираните уметници се и Дрејк, Биби Рекса, Селена Гомез, Џон Леџенд, Кендрик Ламар, Лејди Гага и Бредли Купер, чиј дует „Shallow“ од филмот „Ѕвездата е родена“ е во трка за песна на годината и соработка на годината.



Врати се горе ↑