1 март, 2017

„Арија“ со биг бенд ја преработи „Лено мори“

„Со задоволство ви ја раскажуваме нашата приказна за ’Лена’… Овој пат ’Арија’ и пријателите заедно со биг бенд… Се надеваме ќе ви се допадне“, напиша во својот Фејсбук пост кларинетистот и вокалист на групата „Арија“ откако претходно го постираа видеото на Јутјуб со нивната верзија на народната „Лено мори“, која одново стана многу популарна по изведбите на македонските етно групи „Баклава“ и „Љубојна“.

Овој пат познатата песна е во адаптација и аранжман  на членот на „Арија“, басистот Никола Автовски, кој стои и зад видео монтажата. Песната е снимена во студиото „Сити саунд“, а миксот, монтажата и мастерингот ги направил Љупчо Соколовски. Зад камерата се потпишува Тони Јовановски – Фока, светлото го изработило студиото „Фантазија“, а извршен продуцент на проектот е Никола Автовски, инаку внук на легендарниот македонски пејач на забавни мелодии, Боби Автовски.

Засилени со пријателите на групата – дувачка секција и биг бенд, „Арија“ направиле сопствена џез варијација на темата „Лено мори“, која звучи сосема поинаку од претходните верзии на споменатите етно состави. Сето тоа снимено во скопскиот хотел „Мериот“ можете да го погледнете горе. Уживајте!



Врати се горе ↑