Артисти area

14 јуни, 2014

Ареа повеќе не е дел од Авалон Продукција

По речиси 15 години соработка, познатата гостиварска група Ареа ја прекина соработката со Авалон Продукција. И двете страни ја споделија оваа вест на своите профили на социјалната мрежа Фејсбук: „Почитувани, ве информираме дека од денес официјално заврши долгогодишната соработка помеѓу Авалон продукција и групата Ареа. Компанијата на бендот од срце му посакува понатамошна успешна работа“, пишува на профилот на Авалон.

Ареа е основана е во 1991 година, а во наредната 1992 година настпауваат на „Поп Рок Фест“ во Скопје каде што го освојуваат првото место и го снимаат својот прв албум. Албумот насловен „Случајно тука“ е прогласен за деби албум на годината. Групата настапува низ Македонија до крајот на 1994 год., после што прави подолга пауза. Во 1999 год. повторно се враќаат на сцената со потпишување на договор со Авалон Продукција. Во меѓувреме тапанарот Душко ја напушта групата, а на негово место доаѓа Матески Драган – Гаге, а набргу на групата ѝ се приклучува Антески Владе како ритам гитарист. Наредната година излегува албумот „Врати на имагинација“ кој постигнува дотогаш невиден успех на македонските простори. Песната „Сите мои слики“ станува мега хит, а групата ужива популарност како никој дотогаш. На крајот сето тоа кулминира со концерт на Скопски саем, кога поради неочекувано голем интерес голем број на обожаватели не успеваат да влезат во преполнетата сала. За нив Ареа свири уште еден концерт во Универзална сала.

Во периодот од 2000-2003 год. групата одржува преку 80 концерти во Македонија, на екс-ју просторите и Бугарија. Во 2001 год. излегува живиот албум „Да пеам… Сепак можам!“ снимен на спомнатиот концерт во Универзална сала. Наредната година (2002 год.) излегува студискиот албум „Нешто недостасува“ кој настанува во услови на воена криза во Македонија. Како резултат на тоа албумот звучи малку помрачно од претходните, но сепак Ареа не ја губи популарноста и на 23.10.2002 год. прави успешен концерт на Скопскиот саем.

Во 2005 го издаваат албумот „Теби близу“ за ПГП-РТС на српски јазик што претставува обид за пробивање на поранешните југословенски простори. Во ноември 2008 групата го издава својот шести албум насловен „Сè што сакам си ти“ за македонскиот пазар. Минатата година ја објавија песната „Запознај ме“.

 



Врати се горе ↑