Настани

11 август, 2016

„Ареа“ и „Ван Гог“ главни ѕвезди на петтиот „Џојфест“ во Крива Паланка

Ѕвезди на вечерта на петтото, јубилејно издание на кривопаланечкиот рок-фестивал „Џојфест“ ќе бидат „Ареа“ и „Ван Гог“, најавија на вчерашната прес-конференција членовите на организацискиот одбор. Уметничкиот директор на фестивалот, Александар Михајловски, истакна дека фестивалот годинава слави мини-јубилеј, а искуството придонело подготовките да течат речиси беспрекорно.

„Фестивалот расте низ годините, растат и заинтересираноста и апетитите на публиката од градот и регионот. Поради тоа, годинава одлучивме македонскиот легендарен рок-состав ’Ареа’ и мега супер-бендот ’Ван Гог’ од соседна Србија да бидат главни ѕвезди. Ќе настапат и кривопаланечките бендови ’Машина’ и ’Стоп’, кои повторно се собраа по повод јубилејот, а за продолжување на забавата до раните утрински часови ќе биде задолжен светски реномираниот диџеј Гоце“, рече Михајловски.

„Џојфест“ се организира под покровителство на општина Крива Паланка, а годинава е дел и од „Топол културен бран“, поддржана од Министерството за култура.

„Во текот на овие години фестивалот беше позитивно прифатен од публиката од градот, соседните општини, но и од пограничните општини од соседна Бугарија и Србија, кои доаѓаат во голем број. Сметам дека ова е настан кој на општо задоволство на повеќе генерации нуди одлична програма“, изјави градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.

Тој додаде дека фестивалот се одржува со однапред утврден датум, а ќе има хуманитарна компонента. „Во координација со Општинската организација на Црвен Крст ќе организираме собирни пунктови за прибирање прилог за настраданите во поплавите од скопскиот регион, бидејќи и Крива Паланка загуби два човечки живота“, нагласи Алексовски.

Драган Величковски, директор на ЛУ Градски музеј и член на организацискиот одбор, рече дека промотивната кампања ва „Џојфест“ се организира од почетокот на минатиот месец со голема поддршка од „Акцент медија“ и „Поли јестрдеј“.

„Промотивни плакати се дистрибуирани во Источниот Регион, Штип, Кочани, Пробиштип и Свети Николе, во Североисточниот, како и во соседна Бугарија, во Ќустендилскиот регион, а во сите региони е направена промоција во соработка со туристички агенции и институции од областа на културата“, изјави Величковски и информира дека на 27 август во Градската уметничка галерија ќе биде отворена и изложба на фотографии од Ѓорги Костовски,Ретроспектива – 5 години Џојфест“.

„Изложбата од нашиот реномиран фотограф ќе содржи најубави и највпечатливи моменти од петте фестивалски изданија, како и плакати од сите пет години, изработени и дизајнирани од Наум Михајловски“, додаде Величковски.

„Џојфест“ ќе се одржи на 20 август на градскиот плоштад „Карпошово востание“. Почнува во 19 часот, а угостителските објекти во градот ќе имаат продолжено работно време.

Извор и фотографија: Курир



Врати се горе ↑