Видео

4 септември, 2018

Антонија Гиговска вицешампионка на фестивал во Романија и рамо до рамо со Никол Шерцингер

Антонија Гиговска изминатиов период претстојуваше во Романија, а повод за тоа беше учеството на јубилејното 50. издание на популарниот романски фестивал „Златен елен“ (Cerbul de aur), кој се одржува во градот Брешов. Младата пејачка, која беше една од 18-те странски изведувачи на фестивалот, ги освои симпатиите и на публиката и на жирито, а доказ за тоа е освоеното 2. место.

Талентираната скопјанка на сцената во Брешов се претстави со две песни – една романска и познатата „And I Am Telling You“ од култниот бродвејски мјузикл „Девојки од соништата“ (Dreamgirls), чија најпозната изведба е онаа од американската пејачка и актерка Џенифер Хадсон, а дел од изведбата токму на оваа моќна балада можете да видите во продолжение.

Она што најмногу го привлече вниманието на македонската јавност од овој настан е заедничката фотографија со светски познатата ѕвезда Никол Шерцингер, па многумина веќе претпоставуваат дека на повидок е соработка меѓу двете талентирани дами. Имено, некогашната членка на „Пусикет долс“ беше една од главните ѕвезди во ревијалниот дел на фестивалот, па изгледа дека токму нашата Антонија ѝ  била фаворит.

„Ти благодарам за поддршката и прекрасните зборови“, напиша Гиговска споделувајќи ја заедничката фотографија со славната колешка.

Дека Никол Шерцингер добро знае да препознае квалитет, доказ е и нејзиното повеќегодишно искуство како ментор и судија во британскиот „Х фактор“, каде што до победа го доведе и фантастичниот Џејмс Артур, па се надеваме дека корисни совети ѝ дала и на нашата Антонија.



Врати се горе ↑