Македонија

7 октомври, 2018

Антонија Гиговска триумфираше на „Макфест 2018“

Со освоени 30 гласови, Антонија Гиговска го освои првото место на 33. издание на фестивалот на забавни мелодии „Макфест 2018“, чие финале се одржа вчера во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип. Младата пејачка триумфираше на популарната манифестација со композицијата „Никогаш не вели никогаш“, која е дело на братско-сестринскиот хитмејкерски тандем Лазар и Магдалена Цветкоски.

Гиговска дебитираше на макфестовската сцена во 2016 година, кога со темата „За нас“ го освои третото место, а истата награда ја доби и минатата година, натпреварувајќи се со композицијата „Погледни ме“. Како што гласи и насловот на победничката песна, „Никогаш не вели никогаш“ се покажа како трета среќа за некогашната Пинкова ѕвездичка, која дома си замина со награда во вредност од 5.000 евра.

 

Втората награда во вредност од 4.000 евра годинава отиде во рацете на Роберт Билбилов, кој како изведувач се врати на фестивалот по пауза од 9 години. Тој настапи со баладата „Чудни места“, за која самиот си ги потпиша музиката и аранжманот, додека стиховите се дело на Робин Зимбаков. Популарниот музичар и автор се закити и со наградата за најдобар аранжман „Драган Ѓаконовски – Шпато“ во вредност од 500 евра, дополнувајќи ја својата веќе огромна колекција со уште две нови признанија.

 

3.000 евра и третото место отидоа во рацете на Дани Димитровска и баладата „Време“, потпишана од нејзините долгогодишни соработници Весна Малинова и Кирил Бабамов. Наградата за најдобар дебитант наречена „Душан Љубисављевиќ – Дуле“, која е во вредност од 500 евра, годинава ја освои талентираната Мина Блажев за темата „Во други души“ (официјално видео овде), чии автори се Роберт Билбилов (музика и аранжман) и Ивана Димова (стихови).

 

Наградата за најдобра интерпретација, пак, која го носи името на легендарниот Драган Каранфиловски – Бојс и која е во вредност од 500 евра, на ова 33. макфестовско издание ја освои Наташа Малинкова за одличната балада „Милион причини“, со музика и текст на Блаже Темелков и со аранжман на Дарко Тасев, додека наградата за најдобар сценски настап, исто така во вредност од 500 евра, отиде во рацете на Пепа Димитрова за темата „Доцна е“ од авторите Григор Копров (музика), Саша Николиќ (аранжман) и Огнен Неделковски (текст).

 

Вкупно 32 композиции беа дел од трите фестивалски вечери на ова 33. издание на „Макфест“. Иако само неколку од овие 32 рефрена успеаја да освојат награди, допрва ги очекува уште поголема и позначајна битка – да одолеат на забот на времето и да се стекнат со епитетот „макфестовски евергрини“. На кои и колку ќе им успее тоа, ќе каже токму времето.

И.Ј.



Врати се горе ↑