Концерт

20 декември, 2017

Ансамблот за современа музика „КонТемпора“ ќе одржи концерт во Штип

Во Концертната сала на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, денеска, 20 декември (среда), со почеток во 16 часот, ќе се одржи концерт на Ансамблот за современа музика на СОКОМ, „КонТемпора“.

На концертот премиерно ќе бидат изведени повеќе дела кои се наградени на конкурсите на Министерство за култура за новосоздадени дела во изминатите неколку години. Ќе бидат изведени соло песните на композиторите Горан Начевски, Вулнет Таири, Маријана Јаневска, Гоце Гавриловски, Никола Коларовски и дело за соло-флејта на Љубомир Бранѓолица.

Ансамблот за современа музика „КонТемпора“ е формиран во 2014 година од Сојузот на композиторите – СОКОМ, со цел да изведува и промовира нови дела од домашни автори, но и творби од светското современо музичко општество, да ја доближи современата македонска музика до публиката низ другите градови во Македонија и да ја едуцира младата публика.

25398788_1751259684907036_9126509907478307234_n

Премиерниот концерт на „КонТемпора“ беше одржан во септември 2014 година, во рамките на Генералното собрание на Европската асоцијација на композитори и текстописци (ECSA) во Скопје, а оттогаш ансамблот оствари турнеи во Холандија, Белгија, Америка, Бугарија и Албанија, како и повеќе концерти низ државава, реализираше повеќе студиски снимки на новосоздадени дела од композитори од САД, Иран, Италија, Индонезија и др. и премиерно претстави речиси триесетина дела од домашни композитори.

Во рамките на проектот Современи европски композитори, ансамблот „КонТемпора“ досега оствари четири концерти со дела од современи автори од шест земји-членки на Европската Унија – Холандија, Шведска, Велика Британија, Германија, Словенија и Унгарија.

Ансамблот „КонТемпора“ за оваа пригода ќе настапи со гости соло пејачи и во состав: Наташа Миха – сопран, Горан Начевски – баритон, Златка Митева – флејта, Драган Младеноски – труба, Кристина Светиева и Емилија Потевска -Попивода – пијано. Концертот е поддржан од Министерството за култура на Р Македонија.

Извор: МКД.мк / Фотографија: Фејсбук



Врати се горе ↑