Концерт plakat karneval 2

2 јуни, 2014

„АНСАМБЛ-МАНИА“ – Концерт на студентите од ФМУ – Скопје‏

На 2 јуни (понеделник) во Сули Ан ќе се одржи првиот од неколкуте концерти со кои завршува учебната година, а воедно и концертната сезона на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Самиот назив „АНСАМБЛ-МАНИА“ укажува дека овој пат љубителите на музиката ќе можат да ги проследат настапите на повеќе ансамбли на ФМУ: инструменталните состави во кои учествуваат студенти од сите катедри, како и хорот „Драган Шуплевски“ при ФМУ – ансамбл кој веќе ѝ е добро познат на музичката јавност.

Хорот „Драган Шуплевски“ одамна е значаен чинител на музичкиот живот во Скопје, а последните неколку години под раководство на проф. м-р Сашо Татарчевски постигнува значајни успеси на меѓународните натпревари, закитувајќи се со бројни награди. Токму во оваа година хорот освои уште две награди во Вроцлав (Полска), прво место и статуетка на „Св. Сесилија“ во категоријата за православна хорска музика и второ место во категоријата за големи хорски ансамбли. Сашо Татарчевски ќе биде диригент и на оваа програма која ја сочинуваат атрактивните дела од инструменталниот и хорскиот репертоар. Во изведба на инструменталните ансамбли ќе прозвучи познатото дело на Камиј Сен-Санс „Карневал на животните“ ценето како од професионалната, така и од најшироката публика од сите возрасти заради својата духовитост, впечатливост на ликовите и совршенството на композиторското остварување. Музичката изведба на ова дело ќе биде надополнета со специјалниот текст на рецитатор и видео илустрација. Хорот „Драган Шуплевски“ ќе ги претстави поретко изведуваните дела со духовна тематика „Аве верум корпус“ и „О магнум мистериум“ од Франсис Пуланк, а „Глорија“ од Џон Рутер ќе прозвучи за прв пат во Македонија.

„Во овој проект е постигната голема соработка меѓу студентите од различни катедри и класи во подготовката и реализацијата на програмата што е и една од целите на професионалната музичка едукација. Изведбата на „Карневал на животните“, која може да предизвика интерес кај најшироката публика, на хорските композиции „Аве верум корпус“ и „О магнум мистериум“ од Франсис Пуланк и премиерната изведба во Македонија на делото „Глорија“ од Џон Рутер, подготвени од хорот „Драган Шуплевски“ кој е вистинска гордост на ФМУ, со неговиот диригент Сашо Татарчевски кој овој пат ја подготви целата оваа комплексна, сложена, но во исто време и атрактивна програма, претставуваат сериозен предизвик и одлична школа за нашите млади изведувачи“ – вели Деканот на ФМУ – Скопје проф. м-р Гордана Јосифова-Неделковска.

Концертот ќе започне во 20.30 часот, влезот е слободен.



Врати се горе ↑