Македонија vladimir_martinovski

12 март, 2013

Англиски хор пее хаику од Владимир Мартиновски

Композиција за мешан хор и гудачки квартет инспирирана од четири хаику песни на македонскиот поет Владимир Мартиновски во неделата (10-ти март) премиерно беше изведена во најстарата музичка сала во светот, лондонски „Витонс мјузик хол“, како финале на целовечерен концерт посветен на современата македонска музика.

Автор на композицијата насловена „Четири“ е Михајло Трандафиловски, композитор по потекло од Македонија, кој долго време живее во Англија. Делото го изведоа два реномирани ансамбла, хористите од Новиот лондонски камерен хор (New London Chamber Choir) – мешан хор од 24 члена, и гудачите од Kreutzer Quartet. Диригент е Клемен Пауер.

Делото е конципирано во четири става, секој инспириран од по една хаику песна на македонскиот поет Владимир Мартиновски, објавени во книгата „И вода и земја и оган и воздух“.

„Михајло, кој долго време живее во Англија, ми кажа дека за време на една посета во Македонија случајно налетал на мојата поезија. Бидејќи се познаваме одамна, ме контактираше и ми јави дека планира да компонира според песните од книгата. Во воведниот дел од партитурата песните се дадени на англиски, препеани од Румена Бужаровска а во композицијата – во оригинал, на македонски“ – изјави Мартиновски.

Извор: dobrivesti.mk



Врати се горе ↑