Концерт vvc1_source

3 јуни, 2015

Анастејжа на 1 јули во Белград!

Познатата американска пејачка со моќен и препознатлив глас, Анастејжа (Anastacia) на 1 јули ќе настапи во белградската „Комбанк арена“! Постојат многу пејачи ширум светот коишто се дојстојни за слушање, со пријатни песни и незаборавен звук. Но, мал е бројот на оние чијшто уникатен тон можете веднаш и без сомнеж да го препознаете! Тој волшебен и грандиозен глас го гарантира статусот на супер-ѕвезда. Анастејжа е токму тоа. Супер-ѕвезда! „I’m Outta Love“, „Paid My Dues“, „Left Outside Alone“, „Sick and Tired“ и понатаму се меѓу најбараните песни на многу радио станици и со право може да се каже дека веќе се евергрини.

Досега продала преку 85 милиони албуми ширум светот, а се смета за една од последните икони на светската музичка сцена и пример за жените ширум светот бидејќи јавно зборуваше за личната борба со сериозната болест што и ја забави кариерата. Таа е и првата бела пејачка којашто ја нарекоа „бела жена со црнечки глас“. „Понекогаш се прашувам дали мојата цел на Земјата е да бидам пример. Гледајте на моите предизвици како на подарок и на мојот глас како на средство“, изјавила Анастејжа.

Првиот албум „Not That Kind“ (објавен во 2000 година) имаше огромен комерцијален успех, а главната песна „I’m Outta Love“ беше најслушаната песна таа година. Следната година го освои признанието за најпродавана нова поп-пејачка „New World’s Best Selling Pop Artist“. Патот до успехот го продолжи со албумот „Freak of Nature“, од кој се идвои хитот „Paid My Dues“.

 

После успешното лечење на туморот, таа се врати на сцената во 2004 година со албумот „Anastacia“, кој стана најпродаваното издание во голем број земји и втор најпродаван албум во Европа. Песната „Left Outside Alone“ се задржа на првата позиција на Билбордовата листа дури 15 недели. Мултиплатинестата компилација „Pieces of Dream“ ја објави во 2005 година, а потоа во 2008 пристигна четвртиот студиски албум „Heavy Rotation“, кој се најде меѓу десетте најдобри таа година, според гласањето на Билборд. Четири години подоцна, во 2012 го објави албумот „It’s a Man’s World“ со преработки на песни од машки рок изведувачи, а минатата година се врати на сцената со шестото издание насловено „Ressurection“, за кој критичарите прокоментираа дека е моќен, емотивен и заразен, а нејзиниот глас никогаш поприсутен, зрачејќи подеднакво со сила, ранливост и мудрост.

 

На концертот во Белград публиката ќе се загрева со Вукашин Брајиќ, кој го паметиме од „Операција триумф“, заедно со неговиот бенд. Влезниците можат да се најдат на сите продажни места на „Eвентим“ и „Kомбанк арена“, а при групното купување на влезници ќе има попуст, односно за 30 – 100 влезници има 10% попуст, од 101 до 300 влезници до 15% попуст, а преку 301 влезница до 20% попуст.

Цените се движат од 2.550 динари (околу 1.300 денари), 2.900 динари (околу 1.500 денари) и 3.300 динари (околу 1.700 денари).



Врати се горе ↑