Македонија 5

19 август, 2013

Ана Симоновска има нова песна

На македонска музичка сцена дебитираше со настапот на Скопскиот фестивал во 1999 година, кога ја отпеа „Дојди ми“, потоа на националниот избор за Евросонг во 2002-ра се претстави со „Како ми е мене“ и во 2009-та со „Добар крај“. Подоцна во ноќните клубови следеа бројни настапи во живо со бендот Барбут, од чија соработка се роди песната „Собери сила“, а самостојно ги сними  „Застани“, „Студени“, „Where do we go“, „Сега си ти“ и „Пријател“.

Сега по пауза од околу две години, Ана Симоновска се враќа со нејзината нова песна насловена „Утро без тебе“, чии музика и текст и ги потпишува самата Ана, додека за аранжманот се погрижи Дарко Тасев, а за продукцијата е одговорен Златко Симионски, „До-Ре-Ми“ студио. Покрај Тасев и и Симионски, Ана има соработувано и со Кристијан Габроски и Валентино Скендеровски.

Причина за паузата се одредени битни промени во нејзиниот приватен живот: „Пред две години, заедно со мојот сегашен сопруг ја напуштивме Македонија, живеевме една година во Виена, каде посветено го учев (и научив) германскиот јазик, а веќе десетина месеци живееме во Исламабад, Пакистан.“ – вели Симоновска, која е дипломиран музичар, теоретичар и педагог, свири пијано, македонски народни инструменти и гитара.

Новата песна од денеска ќе можете да ја слушнете на радио станиците ширум Македонија, а нејзиното досегашно музичко творештво можете да го преслушате на ЈуТјуб и МајСпејс.

 



Врати се горе ↑