Балкан 988570_786701551450980_274370745266054080_n

22 јуни, 2015

Амел Ќуриќ триумфираше на „Х фактор“, а Боби заврши втор

Синоќа во белградската „Комбанк арена“ се одржа долгоочекуваното суперфинале на втората сезона од регионалниот „Х фактор“, во чии рамки се натпреваруваа преостанатите 6 суперфиналисти, а како специјални гости настапија самите членови на жирито, хрватската пејачка Јелена Розга и популарниот музичар и победник на британската верзија на натпреварот во 2012 година – Џејмс Артур.

Публиката од целиот регион во текот на вечерта гласаше за своите фаворити во три круга, во првите два отпаѓаа по два кандидати, така што крајната „битка“ се водеше помеѓу два супефиналисти. Како шестопласирани, први го напуштија натпреварот момците од групата „9 контрол“, а веднаш по нив замина и Магдалена Богиќ. Четвртото место им припадна на Црногорците „Хајуеј трио“, а трета беше хрватската миленичка Ива Ќуриќ. Првите две места ги зазедоа финалистите кои во текот на натпреварот ниту еднаш не се најдоа во дуел со „Песна за спас“ – нашиот Боби Мојсоски и Амел Ќуриќ, но според гласовите на публиката, главната награда во износ од 20.000 евра отиде во рацете на босанскиот фаворит Амел Ќуриќ.

„И конечно заврши едно прекрасно патување наречено ’Х фактор’. Стекнав многу добри пријатели и многу искуство. Ви благодарам драги пријатели на сета поддршка и покрај тоа што имав бронхитис, вие верувавте во мене, бевте со мене и вие сте потполно заслужни што завршив на второто место. Се чувствувам прекрасно кога ќе помислам дека има луѓе кои ме сакаат, кои ме ценат мене како личност и мојот труд. Немам зборови. ВЕ САКАМ И ФАЛА ВИ ЗА СЕ! Сега продолжуваме со нови сили и нови песни само за вас. Ова е само почеток“, се заблагодари Боби на социјалните мрежи.

Вчерашниот спектакл започна со премиерата на новата песна на Жељко Јоксимовиќ насловена „Рањена звер“, која сигурно ќе биде летен хит, а како звучи можете да слушнете во продолжение.

 

Првиот финалист којшто го отвори првиот круг од натпреварувачкиот дел беше токму нашиот Боби со одличната изведба на „Полско цвеќе“ од Тоше Проески, а жирито повторно имаше само пофални зборови.

 

Следна беше Магдалена со интересен микс на „Read All About It“ од Емели Санде и „We Found Love“ од Ријана. Иако за момент го заборави текстот, сепак имаше одличен настап, а како изгледаше сето тоа можете да погледнете во продолжение.

 

„9 контрол“ нè потсетија на еден прекрасен хит од „Девојко мала“ од некогашната популарна група „Идоли“, а нивната изведба Ве очекува во продолжение.

 

Триото „Хајуеј“ на свој начин го отпеа хитот „Do I Wanna Know“ од „Арктик манкис“.

 

Ива, пак, настапи со една од познатите балади на нејзиниот ментор – „Има нешто у том што ме неќеш“, а нејзината изведба ја пофалија сите членови од жирито.

 

Последниот финалист во првиот круг беше Амел Ќуриќ, кој настапи со познатиот хит на „Бон Џови“ – „It’s My Life“.

 

Додека се пребројуваа гласовите од овој круг, како специјален гостин настапи единствената дама во жирито, Александра Ковач, која ја отпеа својата балада „Да ли некад сањаш сан“.

 

По нејзиниот настап беа откриени имињата на двата финалисти со најмал број гласови, па првите што го напуштија натпреварот беа групата „9 контрол“ и Магдалена Богиќ, по што следеше првиот настап на британската ѕвезда Џејмс Артур и изведбата на неговиот хит сингл „Recovery“.

 

Вториот круг започна со настапот на Ива Ќуриќ, која го отпеа познатиот хит на британската група „Клин бандит“ и Џес Глин – „Rather Be“.

 

Следеше вториот настап на Црногорците „Хајуеј“, кои овој пат изведоа мешавина од песните „Све је лако кад си млад“ и „Не зови, мама, доктора (Што сад љубав)“ од „Прљаво казалиште“.

 

Боби во овој круг ја отпеа добро познатата „Show Must Go On“ од легендарните „Квин“.

 

И овој круг го затвори Амел Ќуриќ, овој пат со темата „Све је то од лошег вина“ од „Бијело дугме“.

 

Во овој круг натпреварот заврши за триото „Хајуеј“ и Ива Ќуриќ, а пред последните настапи на двата преостанати суперфиналисти уште еднаш го слушнавме Џејмс Артур со неговата победничка тема „Impossible“ (оригинално отпеана од Шонтел), а премиерно го слушнавме и новиот сингл на Јелена Розга насловен „Краљица“.

 

Како што се приближуваше крајот на вечерта, така растеше и неизвесноста и напнатоста на публиката. Последната „битка“ се одвиваше меѓу Боби и Амел, а во овој круг Амел повторно отпеа песна од „Бијело дугме“ – „Да те Богдо не волим“, додека Боби нè почести со уште една прекрасна изведба на „Bed Of Roses“ од „Бон Џови“.

 

И додека се пребројуваа гласовите од последниот круг, на сцената се качија и другите два члена од жирито – Тончи и Масимо, кои премиерно ја претставија својата прва соработка „Фуман“, а како звучи резултатот од овој интересен спој на музичари можете да слушнете во продолжение.

 

Неколкучасовното шоу конечно заврши со прогласувањето на победникот Амел Ќуриќ, кој покрај тоа што доби 20.000 евра, ќе се најде и на насловната страница на хрватското издание на списанието „Ролинг стоун“. Прогласувањето на победникот можете да го погледнете во продолжение.

 

 

Иако победникот е само еден, допрва ќе видиме чија кариера ќе биде успешна, а кој ќе остане запаметен само по учеството во натпреварот. Како што Ви пренесовме пред самиот почеток на оваа сезона, новата продукција што го реализира проектот, „Конект лајв медија“ потпиша договор за три сезони, така што во следните две години нè очекуваат (барем) уште две возбудливи патешествија на талентирани и млади пејачи од целиот регион.

И.Ј.



Врати се горе ↑