Свет elvis-presley

11 ноември, 2013

„Always On My Mind“ е најдобрата песна на Елвис Пресли

Познатиот евергрин „Always On My Mind“, кој во 1972 година го сними покојниот „крал на Rock’n’Roll музиката“, Елвис Пресли, е изгласан за негова најдобра песна во рамките на емисијата „The Nation’s Favourite Elvis Song“, која се емитува на британската национална телевизиска мрежа ITV, пишува магазинот Ролинг Стоун. Оваа песна е избрана од потесната листа од неговите најголеми хитови, која е направена во соработка со неговите наследници, а врз основа на нивното културно влијание и значење за кариерата на Пресли.

Песната е оригинално објавена како Б страна на сингл плочата „Separate Ways“, која достигна златен тираж во САД со продажба од преку милион примероци, но сепак во Британија „Always On My Mind“ станала поголем хит. Веднаш позади неа се најде и хитот „Suspicious Minds“, кој по објавувањето во 1968 година ги освои врвовите на сите листи во САД, воедно единаесетта по ред и последна песна која се нашла првото место на американските листи. Во Британија, „Suspicious Minds“ не се искачи повисоко од втората позиција на музичките листи. Евлис Пресли и понатаму го држи рекордот за наголем број синглови кои го достигнаа првото место во Британија со 21 песна која се нашла на оваа позиција.

Сите 20 песни кои влегоа во потесниот избор се најдоа и на компилацијата насловена „The Nation’s Favourite Elvis Songs“, која беше објавена на 4-ти ноември годинава, а луксузното изданиа вклучува уште 23 хитови.

 



Врати се горе ↑