Настани

8 јули, 2019

Алтернативна програма на „Пивофест 2019“

Од 18 до 21 јули во Прилеп ќе се одржува 17. издание на фестивалот на пивото „Пивофест 2019“, во чии рамки ќе настапат бројни домашни и регионални музички ѕвезди, а со цел да се задоволат сите музички вкусови, деновиве беше претставена и алтернативната програма.

„Алтернативната програма оваа година брои шеснаесет артисти, од кои два се задолжени за визуализации низ четирите денови. Камениот ѕид во центарот на Прилеп ќе биде ’проекционен екран’“, соопштија организаторите.

Првиот ден, на 18 јули на камената бина ќе настапат Васко Бојаџиски и диџеј Гејм Оувр, Марио Еди и Архитек, а следната вечер е резервирана за Александар Миланов, Дејан Декс и Митрик, додека на третиот фестивалски ден публиката ќе може да ужива со Ел-Ти-Екс, Андреас Херц со Кроном и Даја. Последната вечер, на 21 јули фестивалот ќе го затворат Мурго, Тектон и Дарко Степиќ.

Мали промени има и во официјалната програма на фестивалот, односно наместо Тамара Тодевска на 20 јули ќе настапи популарниот македонски бенд „Нокаут“, а последната вечер е дополнета со хрватската ѕвезда Данијела Мартиновиќ.

За повеќе детали следете ги настанот и фан-страницата на Фејсбук.



Врати се горе ↑