23 март, 2015

Алмир од Македонија воодушеви на „Х фактор“

Синоќа започна долгоочекуваната прва епизода од втората сезона на регионалниот „Х фактор“. Како што е познато, покрај Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, годинава во натпреварот се вклучи и Хрватска, а од сите 5 земји се пријавиле приближно 12.000 кандидати. Меѓутоа, само 200 од нив добија шанса да се претстават пред жирито составено од Масимо Савиќ, Тончи Хуљиќ, Александра Ковач и Жељко Јоксимовиќ. Во улога на водители овој пат ќе ги гледаме хрватската водителка Антонија Блаќе, српскиот актер Александар Радојичиќ и нашата Снеже Велков.

Македонија уште еднаш докажа дека и тоа како има со што да се гордее, а првиот Македонец, кој дефинитивно ќе го гледаме и до самото финале на натпреварот, е 28-годишниот Алмир Исмаили од Скопје. Покрај тоа што работи како оператор во фирма за антивирус програми, Алмир тренира карате, а има и огромен талент за музика. Неговата изведба на баладата „I Believe I Can Fly“ од Ар Кели ја натера Александра Ковач да посака да запее со него, а жирито едногласно го прати во следната фаза од натпреварот. Неговиот настап можете да го погледнете горе, а доколку ја пропуштивте синоќешната прва епизода, можете да ја прегледате во продолжение или на официјалната веб страна на „Х фактор.

 

 

 



Врати се горе ↑