Свет

16 јануари, 2019

Алиша Киз ќе биде водителка на „Греми 2019“

Алиша Киз веќе има 15 Греми во својата колекција со награди, но годинашното доделување на престижните златни грамофони ќе биде сосема ново искуство за популарната музичарка. Имено, објавувајќи симпатично 10-минутно видео, 37-годишната ѕвезда откри дека ја добила улогата на водителка на претстојната церемонија што ќе се одржи по 61. пат.

Толку сум возбудена што ви соопштувам дека ќе го водам ова доделување, едвај чекам да видите што подготвивме“, напиша сопственичката на хитовите „Fallin’“, „If I Ain’t Got You“ и „Girl On Fire“, која своите први пет статуетки ги освои во 2002 година, меѓу кои за најдобар нов уметник и за песна на годината (Fallin’).

 

Хитмејкерката доаѓа на местото на својот колега и долгогодишен домаќин на манифестацијата – американскиот рапер и актер Ел Ел Кул Џеј, а како ќе се снајде во оваа нова улога ќе дознаеме на 10 февруари, кога најголемите музички имиња ќе се соберат во центарот „Стејплс“ во Лос Анџелес. Само за потсетување, според бројот на номинации годинава предводи Кендрик Ламар, кој е во трка за 8 награди, а веднаш зад него е Дрејк со 7 номинации. Потенцијална добитничка на шест златни грамофони е Бренди Карлајл, додека во пет категории се натпреваруваат Карди Би, Лејди Гага, Чајлдиш Гамбино и Марен Морис.

Кој сè ќе настапи на претстојното доделување ќе дознаеме наскоро.



Врати се горе ↑