Настани alen hasanovic pivo fest 2015

29 јуни, 2015

Ален Хасановиќ во најжешката вечер на „Пиво фест 2015“

Општина Прилеп подготви вистинско изненадување за сите љубители на пивото и добрата скара, оваа година во најлудата четврта вечер на фестивалот на пивото „Пиво фест 2015“ ќе го видиме потенцијалниот победник во најпопуларното регионално музичко шоу „Ѕвездите на Гранд“, Ален Хасановиќ.

Фестивалот на пивото за кој се зборува преку целата година, ќе започне на 16 јули со настапи на Слаткаристика, Љубојна, Саша Ковачевиќ, потоа ќе ги видиме „Радио актив“, „Заа“, „ДНК“ и „Прљаво казалиште“. Сабота, третиот ден од фестивалот ќе започне со македонскиот фолк изведувач Наум Петрески, а ќе продолжи со Неда Украден и Оливер Драгоевиќ.

Последниот ден од фестивалот, како јаготка на шлагот, ќе започне со настап на потенцијалниот македонски победник на „Ѕвездите на Гранд“, харизматичниот Ален Хасановиќ, а ќе продолжи со Гоца Тржан и Дино Мерлин. Низ богатата фестивалска програма за време на сите четири денови, посетителите ќе ги води сексапилната водителка Марјана, заедно со единствениот Жарко „Еден на еден“ како водителска двојка.

Младиот Хасановиќ само неколку дена пред почетокот на големиот фестивал кој го стави Прилеп на светската мапа како најатрактивна локација за добра забава, ќе се бори за победа во супер финалето на „Ѕвездите на Гранд“ кое за прв пат во историјата, ќе се одржи во Скопје.

Како потсетување, финалето е закажано за 12 јули во арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Билетите се веќе пуштени во продажба со почетна цена од 300 денари. Милионската телевизиска публика ќе може да ужива во најспектакуларно супер финале на „Ѕвездите на Гранд“ досега, а Саша Поповиќ, кој заедно со целата своја продукција на неколку дена ќе се пресели во Скопје, ветува многу изненадувања за присутните во арената „Борис Трајковски“.



Врати се горе ↑