Видео

23 април, 2019

Александра Јанева со песна ни откри: „Се одбирам себе“!

Александра Јанева периодов е посветена на подготовката на својот деби-албум „Срце отвори“, а малку по малку дознаваме како ќе звучи ова долгоочекувано првенче на талентираната струмичанка, која речиси на секои три-четири недели ни претставува нова песна. Имено, Јанева годинава ја започна токму со насловната тема „Срце отвори“, по која следеше и нејзиниот „Одговор“, а сега одлучи да ни каже дека „Се одбира себе“.

Зад оваа емотивна балада застана интересна музичка екипа, односно музиката е дело на самата Александра, на Тино Стојановски и на веќе редовниот соработник Иле Спасев, кој се потпишува и на аранжманот и продукцијата, а стиховите се на нејзината колешка Јана Бурческа, додека во создавањето на песната учествуваше и хитмејкерот Роберт Билбилов, овој пат како виолинист. Сето тоа визуелно го заокружија Пеце Здравковски и Ѓорѓи Вацев со продукцијата „Пинестел“, а покрај Александра, за чиј изглед се погрижи стилистката Милена Танаскоска, се појавува и Андреј Пајмакоски. 

Паралелно со подготовката на новиот албум, двократната победничка на „Макфест“ интензивно се подготвува и за своето прво евровизиско искуство во Тел Авив, каде што следниот месец ќе настапи како една од придружните вокали на нашата претставничка Тамара Тодевска. Заедно со колегите Васил Гарванлиев и Антонија Гиговска, тие речиси секојдневно имаат проби за претстојниот фестивал, а како ќе звучи и изгледа сето тоа ќе дознаеме на 16 мај.

Наскоро ги очекуваме и сите детали за новото издание, а дотогаш уживајте со најновото од Александра Јанева – „Се одбирам себе“!

И.Ј.



Врати се горе ↑