Македонија

23 мај, 2019

Александар Тарабунов ја најави својата „Маска од насмевка“

По неколкумесечна пауза, Александар Тарабунов конечно ќе се ни се врати со нова песна. Имено, пејачот деновиве сподели неколку фотографии со најавата „Маска од насмевка“, како што ќе гласи насловот на новиот сингл, а судејќи по ознаката „фламенко“, веќе претпоставуваме дека ќе биде летен хит.

Слично како во минатогодишната „Би те одбрал само тебе“, со која се натпреваруваше на „Макфест 2018“, и овој пат ќе го видиме со гитарата в раце, како што и го запознавме пред точно десет години, на аудицијата на бугарскиот „Идол“.

Освен што ќе ја отпее, Тара се потпишува и како автор на музиката, а стиховите се на Робин Зимбаков, додека за аранжманот и продукцијата ќе се погрижи Роберт Билбилов.

Во меѓувреме, Тара беше актуелен и со обновените верзии на макфестовските хитови на Билбилов – „Сега јас сум на ред“ и „Избриши ги ти солзите“ – кои ги отпеа во дует со Барбара Поповиќ, а деновиве имаме можност да го гледаме и како член на жирито во музичката емисија „Ѕвезда број 1“ на 1ТВ.

Имајќи предвид дека годинава се одбележуваат 10 години од неговото појавување на македонската музичка сцена, сметаме дека време е и за еден голем славенички концерт, бидејќи зад себе веќе има и повеќе од доволно хитови, a како ќе звучи (и изгледа) неговата нова „Маска од насмевка“, ќе дознаеме наскоро!



Врати се горе ↑