Видео x-factor-alex-sierra1

21 декември, 2013

Алекс и Сиера се победниците на американскиот X Factor

Деновиве заврши третата сезона од американската верзија на музичкиот натпревар X Factor, а во улога на жири и ментори годинава се појавија американските пејачки Кели Роланд и Деми Ловато, латино ѕвездата Паулина Рубио и основачот на овој музички формат, Сајмон Кауел. Кандидатите годинава беа поделени во 4 категории и тоа момчиња, девојки, групи и постари од 25 години. Од илјадниците натпреварувачи кои доаѓаа од сите држави на земјата, беа избрани по три од 4 категории, но бидејќи финалните вечери започнаа по пауза од неколку седмици, секоја недела испаѓаа по двајца натпреварувачи.

Годинава навистина имаше одлични кандидати и до самиот крај беше неизвесно кој ќе ја понесе титулата победник на X Factor за 2013 година. Но, сепак не беше никакво изненадување што наградата од 1 милион долари и договор со издавачката куќа Sony Music отидоа во рацете на можеби најслатката двојка што воопшто сме ја виделе на музичката сцена во последно време. Станува збор за талентираните вљубени птички, поп-фолк дуото Алекс и Сиера од Флорида, кои уште со првата аудиција ги освоија симпатиите на жирито и публиката. Со нивната интересна верзија на познатиот хит „Toxic“ од Бритни Спирс, Алекс и Сиера покажаа дека се вистински уметници и дека секоја песна без проблем можат да ја направат своја.

Подеми и падови, љубов и емоции, сето тоа беше дел од нивното патешествие на овој музички натпревар, а со оваа победа тие станаа и првата група која триумфирала на  X Factor во САД. Навистина симпатични и шармантни млади луѓе кои сигурно ќе се пробијат и на светската музичка сцена, а за тоа веројатно ќе придонесе и нивниот ментор Сајмон Кауел, кој беше одговорен за категоријата на групи. Во продолжение запознајте ги новите „Сони и Шер“ и уживајте со нивните изведби од самиот почеток до големото финале.

 



Врати се горе ↑