Свет hs

22 март, 2017

Албумот на Хари Стајлс звучи како комбинација од Боуви и „Квин“

Откако групата „Уан дајрекшн“ одлучи да направи (малку подолга) пауза, дел од членовите веднаш почнаа со работа на самостојни изданија, а еден од најдолгоочекуваните албуми сигурно е оној на Хари Стајлс. Освен што ја доби и својата прва улога како актер во филмот „Данкирк“ на режисерот Кристофер Нолан, популарниот пејач се посвети и на својот соло материјал, од кој барем еден сингл ќе слушнеме наскоро.

Имено, британските медиуми пренесуваат дека материјалот звучи како „комбинација од Боуви и ’Квин’“, дека потсетува на седумдесеттите и дека „ќе нè исфрли од колосек“. Стајлс работел на песните со Џони МекДејд од „Сноу патрол“, кој соработувал и со Ед Ширан, а еден од продуцентите е Џеф Баскер, соработник на ѕвезди како што се Канје Вест, Бруно Марс и „Ролинг стоунс“.

За најавниот сингл, пак, кој би требало да излезе наскоро, се вели дека е толку голем хит што би звучел одлично во која било декада. Хари наводно веќе регистрирал четири песни со насловите „Already Home“, „Coco“, „Endlessley“ и „5378 Miles“.

„Имаме албум заради кој сме многу возбудени, уште малку и ќе биде готов. Очигледно сакаме сè да биде супер сработено, бидејќи мислиме дека долго ќе се задржи. Хари пристапи со визија на некој кој е автентичен“, рекол Роб Стрингер, директорот на дискографската куќа „Колумбија рекордс“, под чија закрила ќе биде објавено новото издание.

Исто така, Хари го напуштил менаџментот на „Уан дајрекшн“ и потпишал договор со американскиот агент Џефри Азоф. Каков успех ќе постигне како соло пејач останува да дознаеме наскоро.

 



Врати се горе ↑