Настани ImageProxy (2)

4 април, 2013

Аква Парк Фест во Пробиштип

Одбројувањето ни оди вака: 17 години од нашиот прв организиран концерт, 15-то издание на Таксират, 12 години самотија од најголемата љубов АЛАРМ, 10 години од Ману на Кале, 7 од Крафтверк, 6-ката ја спрема Пиволенд, Грин Бич полни 4 години, а Д Фестивал ќе слави 3 мандат…

Не е лошо, но решивме да ве видиме во поинакво светло и имаме уште една убава новост: Уште 50 дена до нашето најново чедо, open-air братчето на Таксират, кое и астрално реши да биде „близнак“.

Секој треба барем еднаш во својот живот да ја почувствува атмосферата на љубов, среќа, другарување, музика и одлична забава, која го исполнува просторот на еден музички фестивал. А понесени од иницијативата да го надоместиме недостатокот на можности за вакво уживање, ве информираме дека сите вредности кои ги носат големите летни фестивали конечно ни се блиски и нам, спакувани во нов исклучителен настан кој како единствен од овој вид, стапува на македонската фестивалска сцена под името АКВА ПАРК ФЕСТ.

Пред официјалниот почеток на летната сезона, ве очекуваме на најголемиот „open-air“ фестивал кај нас, кој ќе се одржи во Пробиштип, на локацијата на Аква Паркот.

Првото издание на фестивалот го подготвуваме да биде посебно од повеќе аспекти. Главни ѕвезди на фестивалот ќе бидат несомнено водечките музички имиња кај нас, а фестивалот ќе биде домаќин и на докажани артисти од регионот и повеќе светски музички ѕвезди. Аква Парк Фест ќе се одржи на 24-ти и 25-ти мај, а за време на овие два дена, посетителите ќе можат да уживаат 24/7 во музичката програма која ќе биде презентирана на повеќе фестивалски сцени, од страна на повеќе од 30 артисти.

Но, Аква Парк Фест претставува многу повеќе од само добра музика.

Во програмата се вклучени и кино проекции, театар, арт инсталации, ликовни работилници, а низ разни активности ќе понуди и прилика да научите подобро да се грижите за природата. Имено,  Аква Парк Фест ќе се одржува како најзелениот фестивал посветен на општествената ангажираност за заштита на природата, кој воедно ќе ја покрене еколошката будност на своите посетители, преку едукативни програми за рециклирањето и обновливите извори на енергија, а со цел што поскоро сите да почнеме да се грижиме за животната средина.

На Аква Парк Фест, посетителите ќе можат бесплатно да уживаат и во водените атракции, базени и тобогани на Аква Паркот, а ќе биде овозможен и бесплатен интернет за сите посетители, ТВ соба каде ќе може да се следат и спортски натпревари, калкулатор за рециклиран отпад, но и награди за оние кои ќе успеаат да рециклираат најмногу отпад.

Ако чувствувате потреба да се ослободите од стегите на секојдневието и да ја поттикнете вашата позитивна енергија, Аква Парк Фест и илајдниците насмевнати луѓе од сите возрасти ве очекуваат на 24-ти и 25-ти мај.

Влезниците за Аква Парк Фест наскоро ќе бидат достапни во продажба, по промотивна цена од 700 денари за фестивалска влезница и 400 денари за дневна влезница, во кои е вклучен бесплатен камп простор на фестивалот и бесплатна Аква Парк влезница. Промотивните билети ќе се продаваат во ограничен број.

Картите за фестивалот ќе можат да се купат во продажните салони на One и продажната мрежа на МКтикетс. Сите новости за фестивалот ќе бидат објавувани и на веб страницата на фестивалот www.aquaparkfest.com , која денес официјално ќе биде пуштена во употреба, но и на Аква Парк Фест линковите од социјалните мрежи:

www.facebook.com/aquapark.fest и twitter.com/aquaparkfest .


Врати се горе ↑