Македонија eyecue

12 ноември, 2015

„Ај кју“ триумфираа на „Скопски фестивал 2015“

Вечерва, во арената „Метрополис“ се одржа годинешното издание на фестивалот на забавни мелодии „Скопје 2015“, во чии рамки се натпреваруваа 18 композиции, а манифестацијата по трет пат ја водеше познатиот актер Васил Зафирчев. Честа да ја отвори вечерта му припадна на битолчанецот Виктор Апостоловски, а по него следеа Влатко Илиевски и Јулија Димчевска, Мартин Мила, Маја Вукичевиќ, Сара Мејс, „Ај кју“, Иван Раденов, Даниел Данн, Симона Попоска, Јана Бурческа, Мики Секуловски, Ања Ветерова, Александар Белов, Џина Папас Џокси, Александар Тарабунов, Ристо Самарџиев, Елена Петреска и Горан Наумовски.

Во ревијалниот дел, за време на гласањето публиката имаше можност да ужива со најголемите хитови на специјалните гостинки Елена Ристеска и Тамара Тодевска, по што следеше доделувањето на наградата за животно дело, која годинава му беше врачена на легендарниот Славе Димитров. Во негова чест, Маја Саздановска, Олгица Христовска и Виолета Томовска нè потсетија на едно од неговите најпознати дела – детската песна „Во светот на бајките“.

Гласањето и годинава беше според евровизискиот модел, односно 50 проценти беа од гласовите на публиката, а останатите педесет од стручното жири во состав: Иван С. Мирчевски, Сузана Стефановска, Радица Митиќ (Македонско Радио – Радио 2), Александра Јовановска и Марко Марк (емисија „Стисни плеј“).

Според гласовите на жирито, кои можете да ги погледнете во продолжение, на првото место се најде композицијата „Убава“ во изведба на групата „Ај кју“, втор беше Мики Секуловски со „Илјада светови“, а трета Симона Попоска со „Сеедно е“.

Публиката, пак, прати најмногу СМС пораки за композицијата со реден број 9, односно „Сеедно е“ на Симона Попоска, втора беше „Градината од цреши“ на Сара Мејс, а трета „Убава“ на „Ај кју“.

Откако се собраа поените од жирито и публиката, дојде до изедначен резултат, односно по 20 поени за „Ај кју“ и Симона Попоска. Според правилата, во ваков случај победникот е оној кој добил повеќе поени од страна на стручното жири, така што првото место му припадна на триото „Ај кју“ со песната „Убава“, кое дома си замина со парична награда во вредност од 600.000 денари. Второто место и наградата од 450.000 денари отиде во рацете на Симона Попоска и темата „Сеедно е“, а како третопласирана и со награда од 300.000 денари заврши Сара Мејс со нејзината „Градина од цреши“.

За сите оние што го пропуштија преносот на првата програма на МРТ, репризата ќе се емитува в недела, 15 ноември, повторно на МРТ1, со почеток од 14 часот.

И.Ј.



Врати се горе ↑