Видео

16 април, 2018

„Ај кју“ со одличен настап на евровизискиот концерт во Амстердам

После настапот на „Израел колинг“, „Ај кју“ ја продолжија промотивната турнеја во Амстердам, каде што викендов беа дел од јубилејното, 10. по ред издание на евровизискиот концерт (Eurovision in Concert), којшто се смета и за официјална евровизиска забава поддржана од ЕБУ и во чии рамки годинава учествуваа претставници од 34 земји. По повод јубилејот, настанот овој пат се пресели во поголем концертен простор, во арената „Афас“, каде што пристутствуваа околу пет илјади посетители.

„Поминавме два интензивни денови во Амстердам, агендата беше навистина напорна, но задоволни сме од сработеното и од одличната организација. Навистина ни е драго што имавме можност да настапиме во Амстердам, којшто е еден од најголемите музички центри во Европа. Тоа е град во кој секој ден се случуваат некои музички концерти и многу ни значи добиената поддршка од публиката којашто овде има широко познавање на музиката. Исто така забележавме и дека сите се горди и благодарни што имаат можност да бидат домаќини на овој евровизиски настан во нивниот град“, рече Бојан Трајковски.

Веднаш по пристигнувањето во Скопје, „Ај кју настапија како ексклузивни гости на финалето на СЕХА-лигата. Во меѓувреме „Lost and Found“ продолжува да ја воодушевува публиката ширум Европа, па видеото за македонската евровизиска песна oд самото објавување е меѓу десетте најпрегледувани на официјалниот евровизиски канал на Јутјуб, а се најде и меѓу најпреслушуваните песни на повеќе онлајн платформи во некои земји, меѓу другото и како единствена евровизиска песна годинава.

Пред заминувањето во Лисабон, последната станица од промотивната турнеја на „Ај кју“ ќе биде Мадрид, каде што групата ќе настапи на 21 април, а како изгледаше и звучеше изведбата на „Lost And Found“ во Амстердам дознајте во продолжение. Уживајте!

 

 

Извор и фотографија: МРТ



Врати се горе ↑