12 јуни, 2013

Ај Кју со нов видео запис и нов женски вокал

Петнаесетгодишната Марија Ивановска, талент и глас за кој допрва ќе се зборува, е новиот член на популарниот скопски бенд Ај Кју (Eye Cue), како и на големиот тим на Горила продукција. Интернет сензацијата Марија, веќе е позната по своите одлични преработки на светски и македонски хитови, нејзините видеа на Јутјуб се сè погледани и преслушувани, а ние веќе имавме можност да ја видиме нејзината одлична изведба на хитот „Skyfall“ од Адел.

За да се обележи овој свеж старт и почеток на новата ера на бендот ја преработија една од најпознатите песни некогаш испеани на детските фестивали. „Боби баш ми е гајле“, напишана од македонската музичка легенда Драган Каранфиловски – Бојс, за прв пат беше изведена далечната 1994 година на битолскиот детски фестивал „СИ-ДО“, а сега, скоро 20 години подоцна, доби нова верзија.

Ај Кју во нов состав, снимија и видео запис за оваа преработка. Режисерот Огнен Шапковски и директорот на фотографија Кристијан Теодоров – Кики, за таа цел одбраа неколку локации во Преспа и Долно Дупени. Подмладени и свежи, Бојан, Иво и Марија со „Боби баш ми е гајле“, го најавуваат активното Ај Кју лето.



Врати се горе ↑