19 септември, 2017

„Ај кју“ со нов сингл и видео за „Колку добро те знам“

Нема пауза за „Ај кју“! Една од најактивните групи во Македонија продолжува да нè чести со нови музички задоволства, а последно во низата е темата насловена „Колку добро те знам“, која денеска беше претставена заедно со видео запис.

Станува збор за уште едно авторско дело на Бојан Трајковски, кој ги потпишува музиката и текстот, а аранжманот го направи заедно со Дарко Димитров. Песната е снимена во студијата „Мјузик хаус“ и „Димитрови“, а визуализацијата е дело на екипата на „Горила филмс“, под режисерската палка на Јован Куциновски. 

„Колку добро те знам“ воедно е трет сингл од претстојниот, трет по ред студиски албум на групата, кој ќе го носи насловот „Сепак ми е забавно“, а покрај насловната нумера, сè уште е актуелен и хитот Мојот крал и неговата акустична верзија. Како звучи и изгледа најновото од „Ај кју“ можете да видите и слушнете горе. Уживајте!



Врати се горе ↑