Свет abba

13 ноември, 2013

Агнета Фалтског: „Секако дека размислуваме за јубилеен настап на АББА“

Поранешната членка на легендарната група АББА, Агнета Фалтског наводно со години била против какво и да е собирање на бендот, но сега токму таа навестува дека можно е да дојде до некои нови активности. Имено, следната година ќе прослават 40 години од настанувањето на хитот „Waterloo“, со кој во 1974 година АББА победи на Евровизија, по што следуваа бројни други хитови како што се „Mamma Mia“, „Dancing Queen“ и „Super Trouper“. Во неодамнешното интервју за германското списание Die Welt, 63-годишната пејачка вели: „Секако дека размислуваме за некаков вид на враќање… Постои и идеја да направиме нешто за да ја одбележиме годишнината, но во овој момент не можам да кажам дали ќе биде нешто од тоа.“

Фалтског и нејзиниот колега и тогашен сопруг Бјорн Улваеус и двојката Бени Андерсон и Ани-Фрид Лингстад ја основаа групата АББА во 1972 година, а победата на Евровизија им донесе глобална популарност. До денес, познатиот бенд има продадено повеќе од 380 милиони примероци од своите албуми ширум светот. Благодарение на големиот филмски хит „Mamma Mia“ од 2008 година, во кој улогите ги играат Мерил Стрип, Пирс Броснан и Колин Фирт, звукот на познатиот бенд создаде нова генерација на фанови.

Минатата година беше објавено дека албумот „Gold“ ги престигна Битлси и нивниот „Sgt. Pepper’s Lonely Hearts Club Band“, со што стана втор најпродаван албум на сите времиња на британскиот пазар, како и најпродаваното издание во ЦД формат во Велика Британија, со повеќе од 4 милиони продадени примероци само во тој формат. Анкетата од пред четири години покажала дека британската публика одлучила дека бендот кој би сакале повторно да се активира е токму АББА.

 



Врати се горе ↑