12 март, 2013

Агнета Фалтског од АББА со нов сингл го најави новиот албум

Агнета Фалтског (Agnetha Fältskog), позната како членка на шведската група АББА се враќа на музичката сцена со нов сингл. Пејачката деновиве го објави синглот насловен „When You Really Loved Someone“, кој ќе се најде на  нејниниот нов албум насловен „А“, кој ќе излезе под етикетата на Universal Music Group на 13-ти мај.

За новото издание Агнета работи со авторот и продуцент Јорген Елофсон (номиран за Греми награда, а соработувал и со Бритни Спирс, Кели Кларксон, Селин Дион и Вестлајф) и продуцентот и аранжер Питер Нордал, а дел од тимот се и нејзини долгогодишни соработници. „Не сум пишувала музика долго, долго време. Но седнав покрај пијаното и инспирацијата дојде одненадеж.“ – изјавила таа во соопшението, кое започнало со следната реченица: „Никогаш не помислував дека ќе запеам пак. Но кога ги слушнав првите три песни, не можев да кажам не!“

На една од песните кои ќе се најдат на новиот албум, гостува и познатиот британски пејач Гери Барлоу, кој е еден од членовите на бендот Тејк Дет, а тоа ќе биде нумерата „I Should Have Followed You Home“.

АББА ја имаше една од најдобрите поп кариери во историјата, продавајќи повеќе од 100 милиони албуми и оставајќи позади себе хитови како што се „Money Money Money“, „Dancing Queen“ и „Waterloo“, со која победија на Евровизија во 1974 година. Тие се разделија во 1982 година.

 

Извор: Billboard/HuffingtonPost



Врати се горе ↑