Настани afrojack

7 март, 2017

Афроџек доаѓа на „Охрид колинг 2017“

Годинешното, второ по ред издание на фестивалот „Охрид колинг“ прераснува во дводневен спектакл, а на веќе најавениот Хардвел, ќе му се придружи и колегата Афроџек! Еден од најпознатите светски музички артисти на денешницата премиерно ќе настапи ова лето во Македонија, ноќта спроти Илинден, на 1 август, на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид.

Поради фактот што Афроџек е еден од најтиражните изведувачи на дeнешницата, а воедно можеби и највлијателниот диџеј и продуцент, неговото доаѓање во Македонија со нетрпение се очекуваше во целиот регион. Зад себе има Греми награда, а неколку години по ред, како и годинава, се наоѓа меѓу најдобрите 10 диџеи според сите релевантни диџеј листи.

Ник ван де Вол (Nick van de Wall), во јавноста познат како Афроџек, меѓу другото е познат и со соработките со Дејвид Гета, Бијонсе, Питбул, Ни-Јо, Ники Минаж и Скрилекс, кои се само дел од светски познатите музичари со кои тој досега соработувал. Светската популарност ја стекнува со првиот албум насловен „Forget the World“, кој го лансираше во ѕвездите и му го осигура место на сите големи светски и европски фестивали, како „Ултра мјузик фестивал“ и „Тумороуленд“, а тука се и редовните резидент свирки во клубовите низ Ибица.

Инаку од оваа година, фестивалот „Охрид колинг“ ќе добие една поинаква димензија, па така фестивалот кој за брзо време стана препознатлив бренд во Македонија и на Балканот, годинава ќе трае два дена, од 1 до 2 август, со што Охрид навистина ќе стане огромна туристичка атракција ова лето за посетителите од цела Европа.



Врати се горе ↑