Македонија adelina tahiri

28 јануари, 2015

Аделина Тахири доцнела на промоција поради гужва во сообраќајот

Аделина Тахири денеска во 11 часот требаше да го промовира својот нов албум „Ani Аni“, но младата пејачка задоцнила на промоцијата, што ги изреволтира преставниците на медиумите. Новинарите во конференциската сала пристигнале навреме, но набрзо биле известени дека промоцијата е презакажана за 11.30 часот, но и 15 минути подоцна сè уште немало ни трага ни глас од пејачката.

Во моментот кога македонските новинари заминувале од хотелот, дел од новинарите од албанските редакции допрва пристигнувале, па изгледа дека тие биле известени за точното време за почеток на промоцијата, пишува „Вест“. Новинарите од македонските редакции се договорија да ја бојкотираат промоцијата поради несериозниот и неодговорен однос на пејачката.

Меѓутоа, во соопштението од менаџментот на Тахири се образложени причините поради кои дошло до ова недоразбирање:

„Почитувани пријатели, колеги и медиуми,

имаме потреба да изразиме големо жалење поради недоразбирањата кои денеска се случија на промоцијата на новиот албум на Аделина Тахири.

Уште пред еден месец, Аделина заедно со менаџментот на елитниот хотел „Bushi Resort & Spa“ ја закажа промоцијата за 28.01.2015 со почеток во 11.30 часот, но пред да ги пуштиме поканите до медиумите, донесовме одлука да направиме приемен дел од 30 минути со цел да се соберат сите медиуми.

Истата покана, на македонски и албански јазик беше испратена до сите медиуми, а Аделина Тахири задоцни само 15-тина минути поради гужва во сообраќајот.

Изразуваме благодарност за разбирањето, особено до екипата на популарниот дневен весник „Вест“, естрадниот магазин „Бекстејџ“ и многу други ценети македонски медиуми кои останаа да ја проследат до крај промоцијата.

Достојно за реномето на хотелот, но и стилот на Аделина, промоцијата заврши со коктел на кој присутните гости можеа да и поставуваат прашања и да се дружат со популарната пејачка.“

Инаку, „Ani Ani“ содржи 14 песни, меѓу кои и насловната тема, потоа Ik te ajo“, чиј автор на музиката и аранжманот е Роберт Билбилов, како и „Heart On Fire“, за која музиката и аранжманот ги направи Александар Митевски. Промоцијата се одржа во новиот елитен хотел „Буши резорт и спа“ во Старата скопска чаршија.



Врати се горе ↑