Свет adele-hello-video

13 ноември, 2015

Адел: „Знам дека сум напишала добра песна кога и самата ќе се расплачам“

Без сомнение, песните на Адел имаат одредена моќ врз слушателите. Можете да имате сосема нормален ден, се возите автомобил до следната дестинација и во тој момент на радио започнува „Hello“ и одеднаш Ви се враќаат спомените од кусата романса пред две лета… Токму тоа е дел од она што ги прави нејзините песни толку волшебни и безвременски. И погодете што? И самата таа плаче на нејзината музика.

Во неодамнешно интервју со „Њујорк тајмс“, за нејзиниот претстоен албум „25“, британската ѕвезда објаснила дека знае дека напишала добра песна штом и самата ќе заплаче: „За да се чувствувам самоуверено со една моја песна, мора навистина да допре до мене. Само така знам дека сум напишала добра песна за себе – кога ќе почнам да плачам. Тоа е кога ќе прснам во солзи во студиото и ќе ми треба момент за да се соземам.“

И покрај тоа што фановите воопшто не се сомневаат во нејзиниот талент, пејачката признала дека не била сигурна дали да се врати на сцената по огромниот успех на албумот „21“. Откако се обидела да напише нови песни во 2013 година, почнала да се двоуми: „Мислев дека ја немам онаа инспирација за да пишувам уште песни. Не знаев ни дали треба да пишувам. Со оглед на тоа колку успешен беше ’21’, си помислив дека можеби сите се среќни ако тоа е последното што ќе го слушнат од мене. Можеби токму во тој момент треба да се повлечам“, открила таа.

За среќа на сите нејзини фанови, Адел сепак се премисли: „Како што минуваше времето, сфатив дека немам избор. Морам да пишувам уште музика за себе и нема ништо друго што порадо би правела.“

Нејзините најнови материјали ќе бидат поразлични од она на што сме навикнале да слушаме од неа, во смисла, наместо тагување по љубените што ни ги скршиле срцата, сега ќе се разнежниме со копнежот за помирување, за вистинска и искрена врска. Сето тоа едноставно затоа што Адел не сака да ја почувствува таа болка никогаш повеќе: „Она што го чувствував кога го пишував ’21’, не би сакала да ми се повтори до крајот на животот. Мислев дека никогаш повеќе нема да сакам, дека не вреди. Меѓутоа, сепак вредело, бидејќи, очигледно, резултатот од тоа го знаеме сите. Но, не би сакала повторно да се чувствувам така и да напишам таква песна. Едноставно не сакам.“

Третиот по ред студиски албум на Адел ќе пристигне на 20 ноември, а како и најавниот сингл „Hello“, се очекува да направи вистински бум на топ листите. За само една недела од објавувањето, „Hello“ собра преку 100 милиони прегледи на Јутјуб и е вториот видео запис кој најбрзо бил прегледан 100 милиони пати за седум дена во историјата на популарниот сервис. Песната уште во првата недела се искачи на првото место на британската сингл листа, со комбинирана продажба од 330.000 примероци, а дебитираше на првата позиција и на Билбордовата листа со 1.112.000 дигитални симнувања и 61,2 милиони преслушувања во првата недела, со што пејачката го доби четвртиот број еден сингл во САД.

 

„25“ ќе содржи 10 песни, чии наслови Ве очекуваат во продолжение, а како соработници на изданието се јавуваат Грег Крстин, Макс Мартин, Пол Епворт (Skyfall), Рајан Тедер од „Уан репаблик“ и други.

1. Hello

2. Send My Love (To Your New Lover)

3. I Miss You

4. When We Were Young

5. Remedy

6. Water Under the Bridge

7. River Lea

8. Love in the Dark

9. Million Years Ago

10. All I Ask

Извор: uk.eonline.com



Врати се горе ↑