Свет

25 јуни, 2018

Адел започна со работа на новиот албум

Британската ѕвезда Адел веќе започнала со работа на нов материјал што ќе биде нејзино четврто студиско издание, објавуваат британските медиуми. Имено, 30-годишната пејачка веќе напишала неколку песни, а според досегашните сознанија, албумот би требало да излезе кон крајот на 2019 година.

Нејзините обожаватели ширум светот веќе се возбудени и започнаа да шпекулираат дека и ова издание ќе биде насловено според возраста на која го пишувала, како што беше случајот и со првите три албуми – „19“, „21“ и „25“. Но, Адел не мисли така. „Ова е последниот албум со возраст како наслов. Верувам во трилогии, така што следниот ќе биде едноставно ’Адел’“, рече таа кога се возеше со Џејмс Корден во неговото „Караоке во автомобил.

Откако го објави мошне успешниот „25“ (2015), кој дебитираше на првото место во 32 земји и се продаде во повеќе од 22 милиони примероци ширум светот, пејачката минатото лето ја заврши светската турнеја и одлучи да направи пауза, повлекувајќи се од јавноста и посветувајќи се на семејството.

Иако има само 30 години, пејачката забележа успеси како ретко кој друг на оваа возраст. Освен што собори повеќе рекорди со трите успешни албуми, таа се закити и со стотици награди и признанија, меѓу кои 18 Билбордови музички награди, 9 БРИТ-награди, 15 Греми и по еден Златен глобус и Оскар за Бондовата тема „Skyfall“. Што е следно од Адел? Се чини дека ќе дознаеме в година.



Врати се горе ↑