Свет p04d09t1

13 декември, 2016

Адел уште еднаш триумфираше на музичките награди на Би-би-си

Британската радиодифузна корпорација, односно Би-би-си, вчера по трет пат ги додели своите музички награди, манифестација која започна да се одржува во 2014 година. После минатогодишните победи во категориите британски уметник и најдобар настап во живо, Адел и годинава се закити со два златни микрофони.

Нејзиното трето студиско издание „25“ ја доби титулата албум на годината, а хитот „Hello“ е песна на годината. Пејачката повторно беше отсутна бидејќи во моментов е на турнеја во САД, но се заблагодари преку порака, велејќи дека едвај чека да се врати дома.

Отсутни беа и добитниците на наградата најдобар британски уметник, „Колдплеј“, кои се вклучија во живо од концертниот настап во Австралија, изведувајќи ја песната „Everglow“.

Со оглед на тоа што интересните настапи во Радио 1 (Live Lounge), во чии рамки музичарите пеат песни од свои колеги, привлекуваат доста големо внимание, Би-би-си реши да доделува награди и во оваа категорија, а првиот добитник е бендот „1975“ за преработката на „What Makes You Beautiful“ од „Уан дајрекшн“.

Последната, но не и помалку важна награда за најдобар нов уметник или „Би-би-си ви претставува“, отиде во рацете на младата пејачка Изи Бизу, која имаше и свој настап на манифестацијата. Покрај неа, своите актуелни хитови ги изведоа и Роби Вилијамс, Крег Дејвид, Емели Санде, „Кајзер чифс“, Џон Леџенд, „Лукас Греам“, „1975“ и Зара Ларсон.

 

Настапите од вчерашното, 3. по ред доделување на музички награди на Би-би-си можете да ги погледнете овде.

И.Ј.



Врати се горе ↑