Адел триумфираше на британските музички награди за 2015 година
Во арената „О2“ во Лондон, вчера се одржа 36. по ред доделување на британските музички награди, познати како БРИТ награди. Манифестацијата, чии водители по трет пат беа познатите Ант и Дек, благодарение на директниот пренос на Јутјуб, во живо ја следеа милиони гледачи ширум целиот свет, а најпопуларните и најнајдежните музички имиња беа наградени во вкупно 14 категории. Со четири номинации и исто толку победи, дефинитивно триумфираше британската ѕвезда Адел, освојувајќи ги наградите за Британски женски соло изведувач, Британски сингл на годината за „Hello“, Британски албум на годината за „25“ и наградата за Глобален успех. По четири номинации имаа и Џејмс Беј и групата „Јирс енд јирс“, но една статуетка освои само Беј, кој беше прогласен за Британски машки соло изведувач.
Честа да настапат први ја имаа членовите на групата „Колдплеј“, кои го изведоа актуелниот хит „Hymn For The Weekend“, по што следеше Џастин Бибер со хитовите „Love Yourself“ и „Sorry“, Џес Глин ги изведе „Ain’t Got Far to Go“, „Don’t Be So Hard On Yourself“ и „Hold My Hand“, Џејмс Беј својот хит „Hold Back The River“, а во изведбата на актуелниот хит „Work“ на Ријана ѝ се придружи колегата Дрејк. Мошне интересен настап имаа и девојките од групата „Литл микс“, која е и единствената група досега што победила на „Х фактор“. Тие го изведоа својот мегахит „Black Magic“, кој беше номиниран во категориите Британски сингл на годината и Британски видео запис на годината.
Фотографија: галерија на BRIT Awards
На одличен начин му беше оддадена чест на великанот на британската музика, легендарниот Дејвид Боуви, за кого емотивен говор имаше неговата колешка Ени Ленокс. Таа ја додели наградата Глобална икона, која во име на семејството на Боуви ја прими неговиот долгогодишен пријател, познатиот актер Гери Олдман. Во чест на музичарот настапи и неговиот бенд „Спајдерс фром Марс“ заедно со новозеландската ѕвезда Лорд, за која Боуви изјави дека е „иднината на музиката“. Таа го отпеа неговиот хит „Life On Mars“, за што доби огромен аплауз од присутните.
Последните настапи за вечерта беа резервирани за канадскиот музичар Викенд, кој го отпеа хитот „The Hills“ и апсолутната победничка на годинешното издание, Адел, со изведбата на „When We Were Young“. Списокот со победници Ве очекува во продолжение, а доколку ја пропуштивте синоќешната манифестација, истата можете да ја погледнете горе. Уживајте!
Британски машки соло изведувач – Џејмс Беј
Британски женски соло изведувач – Адел
Британска група – „Колдплеј“
Интернационална група – „Тејм импала“
Британски уметник во подем – „Кетфиш енд д ботлмен“
Избор на критиката – Џек Гарат
Британски албум на годината – „25“, Адел
Британски сингл на годината – „Hello“, Адел
Интернационален машки соло изведувач – Џастин Бибер
Интернационален женски соло изведувач – Бјорк
Британски продуцент на годината – Чарли Ендру
Британски видео запис на годината – „Drag Me Down“, „Уан дајрекшн“
Британски глобален успех – Адел
Британска глобална икона – Дејвид Боуви
Повеќе видеа од настанот ќе најдете на Јутјуб, а фотографии на Фејсбук. Снимки од секој настап одделно Ве очекуваат во продолжение.
И.Ј.