13 февруари, 2017

Адел повторно со проблематичен настап на „Греми 2017“

Адел дефинитивно триумфираше на вчерашното доделување на златните грамофони, но британската ѕвезда, која минатата година успешно се справи со раштиманото пијано, годинава повторно се соочи со сличен проблем. Таа ја имаше честа да ја отвори манифестацијата со нејзиниот хит „Hello“, чија изведба можете да ја погледнете горе, а потоа уште еднаш се врати на сцената за да му оддаде чест на својот прерано починат колега Џорџ Мајкл.

Изведувајќи го неговиот хит „Fastlove“, но аранжиран како балада, таа ја прекина песната на средина и побара да почнат од почеток. „Се извинувам што опсув, не сакав да навредам никого, но не сакам да го уништам овој настап за него“, рече пејачката, а присутните го поздравија овој потег, наградувајќи ја со аплауз, по што следеше одлична изведба на познатата песна. Како изгледаше сето тоа можете да погледнете во продолжение.

Сепак, вечерта не беше толку лоша за Адел, чија колекција на награди сега е побогата за 5 златни грамофони. Покрај наградата за најдобра поп соло изведба, хитот „Hello“ беше прогласен и за песна на годината и снимка на годината, а албумот „25“ за најдобар поп вокален албум и албум на годината. 

И.Ј.



Врати се горе ↑