Видео

18 јуни, 2019

Адел лудуваше на концертот на своите идоли „Спајс грлс“

Британската ѕвезда Адел секогаш отворено ја искажувала љубовта кон своите миленички „Спајс грлс“, на кои им била (и сè уште е) една од најголемите обожавателки, а после долги години, неодамна повторно ја имаше можноста да присуствува на нивниот концерт што се одржа во рамките на повратничката турнеја „Spice World“. Имено, „зачинетите девојки“ минатиот викенд го одржаа последниот концерт од оваа турнеја во стадионот „Вембли“ во Лондон, а меѓу најгласните гледачи во публиката беше токму Адел, која потоа им се придружи и зад сцената.

„Последниот пат ’Спајс грлс’ ги гледав во ’Вембли’ пред 21 година! Вечерва со моите најблиски плачев, се смеев, врискав, танцував и се присетував на 10-годишната јас. Не е тајна колку многу ги сакам, колку ме инспирираа да го живеам животот на мој начин и никогаш да не погледнам назад. Конечно имав можност да ја запознаам Џинџер, се испијанив со девојките и, најискрено, не можам да верувам до каде сум стигнала. Ви благодарам за лудилото што го живеам, не би била тука без вас, вие пет британски легенди! Ве сакам!“, напиша пејачката споделувајќи неколку видеа и фотографии на Инстаграм.

Заедничка фотографија од зад сцената споделија и самите „зачинети девојки“, а многумина веднаш започнаа да предложуваат Адел да ја замени редовно отсутната Викторија Бекам, па никогаш не се знае… можеби желбата ќе им се исполни.

Освен повратничката турнеја, неодамна беше најавен и анимиран филм за легендарната група, кој би требало да е готов следната година и кој ќе содржи и нови песни. Адел, пак, изминатиов период работи на својот нов, 4. по ред албум, а повеќе детали се очекуваат наскоро.



Врати се горе ↑