Свет AdeleDustySpringfield

1 октомври, 2013

Адел како Дасти Спрингфилд во претстојниот биографски филм

Како што пренесува Дејли Стар, на Адел ѝ била понудена главната улога во претстојниот биографски филм за покојната британска пејачка Дасти Спрингфилд. Приказната за пејачката чие вистинско име е Мери Изобел Кетрин Бернадет О’Браен ќе биде сместена во шеесеттите години од минатиот век, кога Спрингфилд отпатува за Америка за да го сними нејзиниот познат албум „Dusty In Memphis“, а снимањето најверојатно ќе започне на почетокот на следната година. Сценариото го потпишува Дејвид Стен, кој е познат по неговата работа на сериите „Вoardwalk Empire“ и „The L Word“.

На почетокот на годинава, Адел беше наградена со најпрестижната филмска награда Оскар, која ја доби за темата „Skyfall“ од истоимениот филм за Џејмс Бонд, но нејзиното единствено актерско искуство е гостувањето во серијата „Ugly Betty“ во 2009 година, кога се играше себеси, а неодамна беше објавено дека би требало да се појави и во „The Secret Service“, британски филм на режисерот на „Kick-Ass“.

Пејачката своевремено откри дека ѝ се восхитува на Спрингфилд, велејќи дека покојната пејачка „ги стави британските жени на картата“. Во периодот од 1964 до 1995 година, Дасти има издадено 14 студиски албуми, a дел од нејзините хитови се и „I Only Wanna Be With You“, „I Just Don’t Know What To Do With Myself“, „Son Of a Preacher Man“ и други. По подолго боледување од рак на дојката, пејачката почина во 1999 година на возраст од 59 години.



Врати се горе ↑