Свет adam-levine

27 јануари, 2015

Адам Левин ќе настапи на доделувањето на Оскарите

Вокалистот на групата „Марун 5“, Адам Левин е првиот изведувач кој ќе настапи на претстојното 87. доделување на Оскарите. Пејачот ќе ја отпее темата „Lost Stars“ од филмот „Нов рефрен“ (Begin Again), која е номинирана во категоријата „Најдобра оригинална песна“. Левин дебитираше на филмското платно токму во овој филм, во кој главните улоги ги играат актерите Кира Најтли и Марк Рафало.

Покрај оваа песна, во трка за златната статуетка се и темите „Everything Is Awеsome“ од Шон Патерсон за „Лего филмот“ (ја изведуваат Тиган и Сара со „Лоунли ајленд“), „Grateful“ од Дајен Ворен за филмот „Зад светлата“ (Beyond The Lights) (ја изведува Рита Ора), I’m Not Gonna Miss You од Глен Кемпбел и Џулијан Рејмонд за филмот „Глен Кемпбел: Ќе бидам јас“ (Glenn Campbell: I’ll Be Me) и „Glory“ од Џон Леџенд и Комон за филмот „Селма“, која беше наградена и со „Златен глобус“.

 

Уште една новост поврзана со претстојната манифестација е тоа што минатогодишните победници во категоријата „Најдобра оригинална песна“, односно авторите на темата „Let It Go“ од анимираниот филм „Снежното кралство“, Кристен Андерсон-Лопез и Роберт Лопез пишуваат мултимедијална музичка точка насловена „Moving Pictures“, која на самата манифестација ќе ја изведе мултиталентираниот актер, комичар и магионичар Нил Патрик Харис. кој воедно ќе биде и водител на настанот.

87. доделување на Оскарите ќе се одржи во недела, 22 февруари, во театарот „Долби“ во Лос Анџелес, а ќе биде пренесувано во живо во околу 225 земји ширум светот.

Извор и фотографија: oscars.org



Врати се горе ↑