Аудио

22 февруари, 2019

Адам Ламберт си ја разголи душата во „Feel Something“

Американскиот пејач Адам Ламберт го објави својот нов сингл насловен „Feel Something“, за кој вели дека е „емоционална почетна точка“ за претстојниот албум.

„Животот на ерген може да биде исполнет со многу забава и флерт, но по извесно време почнуваш да се чувствуваш празно. Меѓу фрустрациите со мојата кариера и бројните изгубени врски, се чувствував тапо, па и покрај тоа што сакав да се заљубам, знаев дека не сум подготвен. Тоа ме инспирираше да извикам: ’Не ми треба да почувствувам љубов, сакам само да почувствувам нешто!’ Токму тогаш сфатив дека треба да го направам првиот чекор и да почнам да се грижам за себе“, откри 37-годишниот пејач, кој се прослави со освоеното второ место на „Американски идол“ во 2009 година.

Песната е најава за неговиот четврт по ред студиски албум кој ќе го наследи „The Original High“ (2015), а повеќе детали се очекуваат наскоро.

 

Покрај соло-кариерата, Ламберт од 2011 година настапува и како вокалист на легендарниот бенд „Квин“, на местото на незаменливиот Фреди Меркјури, а заедно со Роџер Тејлор и Брајан Меј ќе го видиме и в недела на 91. доделување на Оскарите, каде што меѓу номинираните филмови е и биографската „Боемска рапсодија“.



Врати се горе ↑