Македонија

17 октомври, 2016

9. издание на Македонскиот радиски фестивал на 21 ноември во МОБ

И покрај сите забрани, премрежја и катастрофи што ѝ се случуваат на македонската музика, на нејзините автори и изведувачи, деветтото издание на Македонскиот радиски фестивал, „МАРС 2016“, ќе се одржи на 21 ноември, вторник,  во Македонската опера и балет (МОБ). Финансиски  поддржан од град Скопје, „МАРС“ и понатаму останува парада на најпопуларните македонски музички ѕвезди и ревија на најслушаните хитови во тековната година. Затоа „МАРС“ важи за  македонски музички „all stars“.

Изборот на најпопуларните годинешни радиохитови (оние кои тоа биле до забраната на ЗАМП за емитување македонска музика), како и досега ќе биде добиен по пат на селекција од 4о-ина локални, регионални и национални радиостаници ширум Македонија. Избраните 15 највртени песни во македонскиот радиоетер ќе се најдат на финалната вечер на „МАРС 2016“. Листата на избраните ќе се знае во почетокот на следната недела откако ќе се сумираат резултатите од пристигнатите гласови од македонските радиостаници.

Македонскиот радиски фестивал „МАРС 2016“, чиј продуцент и организатор од самото негово основање е КЦ „Александар Македонски“ (поранешна Универзална сала – Скопје) и годинава ги задржа истите правила на селектирање на песните и ја продолжи востановената концепција на гласање и наградување на победниците.

Новиот содржински дизајн на фестивалот  подразбира дека секој од учесниците на финалната вечер ќе  добие една или неколку различни награди во повеќе категории како што се: поп, рок или ар-ен-би и рап хит на годината, хит испеан од женски вокал, од машки вокал или од група, балада на годината…, а тука се и категориите како случајни партнери ( дует), апсолутен радиски или ФМ хит (песна која ќе има најголем број гласови од радиостаниците), наградата фестивалски асови (најпопуларен победнички фестивалски хит), хит по избор на публиката (која ќе може да гласа преку фан страницата на МАРС 2016 на Фејсбук), додека  за најдобриот текст на песна повторно ќе одлучуваат естрадните и музичките новинари од печатените медиуми и интернет порталите. За Ѕвезда што се раѓа ќе биде прогласено едно младо музичко име кое имало најголем напредок во кариерата во тековната 2016 година.

Трајните вредности ќе им бидат доделени на изведувачот кој сè уште е активен, а е македонска музичка легенда, и конечно наградите за најпопуларна регионална ѕвезда ќе отиде кај некои големи  музички имиња од регионот кои ќе бидат и специјални гости на „МАРС 2016“. Годинава тоа се едни од најсексапилните  и најпопуларни српски поп пејачки. Тие со своето присуство и настапи ќе ја збогатат програмата и ќе го подигнат рејтингот и реномето на фестивалот.

Домаќини на деветтото фестивалско издание на „МАРС 2016“ и овој пат ќе бидат актуелни и популарни водителски ТВ имиња.

Изгледот на сцената, специјално подготвениот  „front & backstage” во кој ќе бидат сместени изведувачите, редоследот на песните како и сите останати детали и поединости врзани со одржувањето на деветтиот Македонски радиски фестивал „МАРС 2016“ ќе бидат соопштени на двете новинарски конференции – едната во првата седмица на месец ноември, а втората на денот на одржувањето на фестивалот – 21 ноември 2016 година во МОБ.



Врати се горе ↑