Македонија tp-am-instragram

21 јануари, 2015

8 години по смртта на Тоше, неговата пријателка проговори за неговиот живот позади камерите

Еден од најпознатите пејачи на Балканот, нашата ѕвезда Тоше Проески трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа на 16 октомври 2007 година, а сега, осум години подоцна и непосредно пред неговиот роденден (25 јануари), една од неговите најблиски пријателки, Ања Миронова, одлучила да поразговара со српскиот портал „24 сата“ и да открие детали за неговиот приватен живот, како и за фактот што сè повеќе луѓе го користат неговото име за лична промоција.

Интерјвуто за „24 сата“ можете да го прочитате во продолжение.

Каков бил Тоше во приватниот живот, што го интересирало, што правевте заедно:

– Можам да кажам дека тој е личност за цел живот. Секогаш можевте да се потпрете на него како пријател и како брат. Секогаш искрен. Беше оптимист, секогаш позитивен, но воедно и многу емотивен и силен. Тоше не можевте да го сретнете изнервиран, да се кара или да навредува некого. Секогаш беше насмеан, дури и кога не му беше до смеење, ќе направеше сè за другите да се чувствуваат расположени и обрнуваше внимание секому. Често се релаксираше со музика дома. Ја сакаше операта, музиката од филмовите, што ни беше заедничко. Многу гледаше филмови, омилени му беа историските. Спортот исто така го исполнуваше. Сакаше да компонира и да чита книги. Некое време пред смртта, малкумина знаат дека проучуваше јазици, а особено беше импресиониран од италијанскиот. Имаше малку слободно време, кое го поминуваше во кругот на семејството. Исто така, никогаш немаше да го слушнете да каже, како повеќето денешни „ѕвезди“, дека настапите се напорни, дека не им се оди на концерти, дека се преморени. Тој и кога беше уморен, што беше често, сакаше да каже „Уф, колку убаво се изморив“. Без разлика дали стануваше збор за концерти или спорт. Го сакаше тоа што го работеше.

Какви спомени имаш од тој период од животот?

– Убави и само убави. За сè друго зборови не се потребни.

Колку долго се познававте?

– Се запознавме во 2004 година и тоа случајно. Моето семејство го познаваше бидејќи се бави со музика, па така остваривме контакт.

Дали ти пречеше што, после несреќата, многу луѓе почнаа да се поврзуваат со него иако не му биле ни приближно блиски?

– Ми пречеше и ми пречи. Многу ме нервира фактот што, почнувајќи од фановите, па преку луѓето кои можеби неколку пати седеле со него, а кои го нарекуваат пријател, па и медиумите кои велат дека Тоше бил „ангел“ или „вонземно чудо“. Дали тие луѓе имаат некакви искрени чувства и почит? Апсурдно ми е да слушам и читам такви изјави. Луѓето кои навистина го познаваа ќе се согласат со мене. Тоше не беше никаков светец, да се разбереме. Тој е само момче какво што нема или ретко се наоѓа денес, бидејќи реткост е да се види комплетно и грижливо момче кое би му излегло во пресрет и на дете и на човек од 100 години. Тоа денес го нема и слободно може да се каже дека се срамам од тоа во име на сите луѓе. Тој пред сè беше многу убаво воспитано и побожно момче. Културата, побожноста, добрината која се носи од семејството и црквата се неговите  главни карактеристики.

Како се бориш со неговото заминување?

– Понекогаш ми се чини дека полесно ми е кога сум во кругот на некое заедничко друштво и кога сме на телефон, бидејќи ме враќа на старото. Не сакам кога многу се зборува за него, кога сме собрани некако го очекуваме неговото доаѓање. Едноставно не се борам. Тоа боли и ќе боли додека постојам. Најтешки датуми ми се тие 16 и 17 октомври.

Дали можеш да издвоиш некоја анегдота која сте ја доживеале заедно?

– Во една пригода ми раскажа дека им се восхитува на членовите од групата „Ил диво“. Беше во состојба со часови да зборува за нив и за тоа како отпеале делови од некои веќе познати песни. Беше фасциниран. Оттогаш, од 2007 година до денес, веќе присуствував на четири нивни концерти и тоа во првите редови.

Доколку би можела што би му порачала на Тоше?

– Би му рекла само: „ТИ БЛАГОДАРАМ!“

 

Одбележување на роденденот на Тоше и во Белград

Во пресрет на одбележувањето на роденденот на големата македонската и балканска ѕвезда Тоше Проески, Форумот на млади Македонци традиционално на 24 и 25 јануари ќе организира хуманитарни активности. Оваа година средствата кои ќе бидат собрани ќе бидат наменети за Националното здружение на родители на деца заболени од рак – НУРДОР во Белград, пренесува МИА.

Во сабота, на 24 јануари  на Студентски трг ќе се одржи крводарителската акција во соработка со Институтот за трансфузија на крвта на Србија. Посетителите ќе имаат можност да ја слушаат музиката на Тоше и да донираат средства за НУРДОР, а првите 30 крводарители ќе добијат и подароци.

Како што соопштија организаторите, доколку временските услови дозволат ќе настапи и пејачката група на Националниот совет на Македонците во Србија „Тоше Проески“.

Хуманитарните активности во чест на Тоше продолжуваат и во недела, на 25 јануари, за кога е предвидена  акција на собирање на помош за децата од прифатилиштето во Белград, во регионалната канцеларија на Националниот совет на Македонците.

Во вечерните часови на сплавот ТАГ ќе биде организирана хуманитарна журка со бендот „Бајка“, Тијана Дапчевиќ и Тамара Тодевска, а собраните средства ќе бидат донирани на НУРДОР.

„Бидејќи Тоше Проески не беше само пејач со ангелски глас, туку и хуманитарец со големо срце, не постои подобар начин да се одбележи ден на неговото раѓање“, велат во денешното соопштение од Форумот на млади Македонци.

Активностите се во организација на Форумот на млади Македонци со помош на Фан клубот на Тоше од Белград, и со поддршка на Фондацијата „Тоше Проески“ од Крушево, Националниот совет на Македонците и Македонската бизнис асоцијација во Србија, преку компаниите „Витаминка“, „Сандеј Колид“ и „Алкалоид“.

Фотографии: Instagram



Врати се горе ↑