За Вас 2 (2)

15 април, 2015

70 години „Просветно дело“

На 16 април се навршуваат 70 години од основањето на „Просветно дело“ и од објавувањето на првиот „Буквар“ на македонски јазик. Во тој контекст, „Просветно дело“ има длабоко историско-културолошко значење, пред сè заради остварувањето на вековните желби на Македонците за свој јазик, писменост и култура.

Првиот „Буквар“ на македонски јазик е објавен во 1945 година во издание на тогашното „Државно книгоиздателств“, подоцна познато како „Просветно дело“. Овој светилник на македонското образование и просвета, формиран со Решение на Президиумот на АСНОМ на 16 април 1945 год. денес го слави својот 70. роденден.

Просветно дело ја презеде една од најодговорните и најсуштествените задачи на полето на образованието во услови на отсуство на традиција на пишување, издавање и печатење учебници и во недостиг на стручни кадри. Благодарение на ентузијазмот на пионерите во издавачкаата дејност кај нас, со издавањето на Букварот, Граматиката и Правописот беа поставени темелите на македонскиот литературен јазик и на учебникарството“, изјави по повод јубилејот генералниот директор на „Просветно дело“, м-р Павле Петров.

Неколку наслови од седумдецениската историја на „Просветно дело“ се клучни за македонската култура. Првата печатена книга на македонски јазик, Збирката на македонски народни песни, првите македонски „Буквар“, „Правопис“ и „Граматика“првата преведена книга на македонски јазик – „Сердарот“ од Григор Прличев, „Граматиката на македонскиот литературен јазик“ од Блаже Конески, „Правописот на македонскиот јазик со правописен речник“, „Тротомниот речник на македонски јазик“, „Историјата на македонскиотн народ“ и „Географијата на Македонија“.

Благодарение на „Просветно дело“, Македонија веќе 20 години е во чекор со светските трендови кога станува збор за издаваштвото за деца. Благодарение на високиот меѓународен рејтинг, оваа издавачка куќа е застапник на издавачките права на најдобрите светски детски лиценцирани изданија: „Штрумфови“, „Дизни“, „Хелоу кити“, „Бен 10“, „Том и Џери“, „Скуби Ду“, „Бетмен“, „Супермен“

Од 2004 година дел од „Просветно дело“ стана уште еден бренд на македонското издаваштво – „Детска радост“ со најстарите детски списанија „Росица“, „Другарче“, „Развигор“ и „Наш свет“. Со замирањето на примарната дејност, издавањето учебници, „Просветно дело“ се зацврсти на пазарот како лидер во продажбата на литература за деца и училишен и канцелариски прибор од неколку врвни европски брендови.

На 70. роденден на „Просветно дело“ и на јубилејот од излегувањето на првиот „Буквар“, оваа издавачка куќа ќе го објави првиот „Звучен буквар на македонски јазик“, со што ја продолжува традицијата да биде стожер на македонската просвета и образование.



Врати се горе ↑