Концерт 11034291_823885637670985_4441350377742667658_n

4 март, 2015

7 виртуози на 7 март во Центарот за култура во Битола

Центарот за култура во Битола за оваа сабота, 7 март, најави несекојдневно концертно доживување со седумте виртуози кои го сочинуваат „Гоце Стевковски септет“. Покрај Стевковски ќе настапат и Дамир Имери, Оливер Јосифовски, Иван Иванов, Кире Кузманов, Сашко Николовски и Михаил Јосифов (Бугарија).

„Како организатори се погриживме на искусните и надалеку познати македонски музичари да им овозможиме максимални услови за презентација на своите мајсторства и убеден сум дека на битолската публика ќе ѝ возвратат со спектакуларен и концерт за паметење“, рече директорот на Центарот за култура, Борче Димитровски.

Гоце Стевковски низ годините се филтрира како еден од најистакнатите македонски тапанари и перкусионисти во Македонија. Запаметен по соработката со Кирил Џајковски, „Леб и сол“, „Архангел“, „Ласт експедишн“, „Проект жлуст“, „ДНО“, Коџабашија, „Фолтин“, Бодан Арсовски и Езгија оркестра, „Шаревски квартет“, Зоран Маџиров и останатите, Стевковски во 2013 година се издигнува на повисоко ниво компонирајќи го својот деби албум насловен „7 Stories“ заедно со повеќе етаблирани македонски музичари во проектот едноставно именуван „Гоце Стевковски септет“. Албумот е објавен под етикетата на „Пасворд продукција“.

Концертот за битолската публика ќе започне во 20.00 часот, а влезниците по цена од 100 денари можат да се набават во билетарницата на Центарот за култура во Битола.

 



Врати се горе ↑